Универзална сала пак доби ветување дека ќе започне нејзиното реконструирање. Тоа го соопшти Министерството за култура. Постапката за избор на изведувач била заокружена и така се отстранила последната правна пречка за почеток на градежните работи. Реконструкцијата ќе завршела до декември 2027 година.
Ќе биде ли овој пат спазен ветениот рок за реконструкција на култната скопска сала? Прашањето се наметнува од самиот факт дека објектот стои разрушен веќе 11 години.
Цела деценија се редеа функционери кои и ветуваа на скопјани дека салата ќе биде направена. Ама се некакви административни пречки им излегуваа, се нешто бараа кој е надлежен, па од каде да се најдат пари, а времето течеше, па објектот дири и изгоре.
Во 2018 година тогашниот скопски градоначалник Петре Шилегов потпиша „писмо за намери” со министер за култура од тоа време Роберт Алаѓозовски. Потоа, почнаа да се пролонгираа роковите, да се менуваа проектите. Па за градоначалник дојде Данела Арсовска и таа наеднаш најде проблем со стабилноста на објектот. Па пак за реконструкција улогата ја презеде Владата и во 2024 година тогашната министерка за култура Бидера Костадиновска Стојчевска истакна дека Универзална сала ќе биде готова за три години и дека се е истендерирано и најдени се пари.
Ама, ништо не се сработи. Сега, имаме ново ветување од актуелниот министер за култура Зоран Љутков.
Да може Универзалната сала да зборува сигурно би рекла – ќе верувам на ветувањето откако ќе видам работници и машинерија околу мене.



