Од Германија, денеска, во Македонија е екстрадиран 21-годишниот Јетон Љужа, третообвинет за убиството на Никола Саздовски – Саздо пред две години во Скопје. Деталите за оваа екстрадиција се очекуваат во текот на денот од страна на МВР. Познато е, Јетон Љужа беше дел од групата од три лица кои извршија убиство на Саздовски, но кој успеа да и избега на правдата. Останата двајца беа осудени на затворски казни од по 19 години затвор.
Македонската полиција, по распишаната меѓународна ппотерница активно трагаше по Ј.Љ кој избегал во Германија, но лани беше приведен од страна на германската полиција во Хамбург. Тој потоа се најде во екстрадициски притвор, а германските власти одлучуваа по барањето за негова екстрадиција и да им го предадат на македонските власти.
Според обвинителниот акт, на 29 јуни 2018 година, околу 17.45 часот, на булеварот Александар Македонски во Скопје, на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид“, тројцата му пристапиле на оштетениот и му побарале лична карта. Кога оштетениот им ја покажал личната карта, обвинетите неочекувано почнале заедно истовремено да го удираат со боксови во пределот на главата и градите. Од силните удари оштетениот загубил рамнотежа, паднал на тротоарот, по што обвинетите без милост, истовремено и со силни удари продолжиле со клоци да го удираат по главата и градите по што тој паднал во кома. Како резултат на повредите, на 9 јули 2018 година Саздовски починал на скопската Клиника.