На 28 октомври ќе заврши долгогодишното владеење на Васил Тупурковски во највисоката спортска организација во Македонија – Олимпискиот Комитет.
На престојното изборно собрание за првпат, по промената на Статутот на МОК, 29 олимписки федерации во Македонија ќе имаат можност да одлучуваат кој ќе ја креира олимписката политика. Kако што дознаваме, за мнозинството од нив,
најповолен кандидат за наследник на Циле е претседателката на Атлетската федерација – Александра Војневска Зикова, бидејќи е успешна личност која може многу да направи за македонскиот спорт.
Како втор кандидат се јавува и Даниел Димевски, советникот за спорт на сегашниот премиер, кој пред неколку месеци беше споменуван-посочуван во корупциски скандал со тоа што на својата приватна фирма како државен функционер го издал под долгорочен наем просторот околу лизгалиштето Кале кое всушност требаше да биде дадено за развој на спортот.
Инаку олимписките спортски федерации во Македонија веќе неколку години водеа борба со актуелното раководство на МОК за да се промени Статутот и составот на Собранието според правилата на Меѓународниот олимписки комитет и тие да го имаат мнозинството. Конечно минатата година успеаја и од нелогичните 130 членови на Собранието на МОК, сега има 53, а мнозинството на одлучување е во рацете на федерации кои се олимписки.