Како кривично дело ќе се третира издавањето на викендичките на групи луѓе, информира на денешната конференција за печат Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи. Тој рече дека ова претставува директно загрозување на животот и здравјето на граѓаните.
Според Спасовски, не е спорно кога викендичките се издаваат на семејства и на едно семејство но недозволиво е да се издаваат на група различни луѓе.
-Не е идејата да донесеме одлука дека рестораните, хотелите не можат да работат после 18 часот, а од друга страна да отвораме нови такви објекти, да ги имаме во околината на Скопје, во Сопиште, Маврово, Охрид … Зошто би била забраната за рестораните и хотелите ако тоа некои може да го прават во викендиците?, рече Спасовски.
Полицијата изработила оперативна акција за откривање на овие кривични дела.
-Превентивно реагираме на издавачите на викенд куќите. Ќе има засилени контроли кои ќе почнат да се спроведуваат во текот на наредната недела и на новогодишната ноќ. За полицијата ќе има многу работа, но здравјето на граѓаните е врвен приоритет и ќе се прави увид и во викендиците и ќе следуваат казни. МВР ќе постапува врз основа на сите дозволени норми и правила врз основа на законот. Таму каде што имаме сознанија дека има групирање на лица во издадени викендици ќе се направи увид и ќе се поднесат соодветни пријави, истакна Спасовски.