Приоритетите во следната година во рамките на Иницијатива „Акција 21“ која има за цел да се донесат европски стандарди дома, ги соопшти на денешната конференција за печат премиерот Зоран Заев. Како прв приоритет тој го наведе прочистувањето на судството за што веќе се работи на методологијата.
-Моделот е во завршна фаза, ќе се испита работата на сите судии како суделе, како изведувале докази како и нивната имотна состојба. Во следна година европски експерти ќе проверуваат и околу педесетина предмети од сфера на висока корупција, објасни премиерот
Друг приоритет е борба против корупцијата преку воспоставување на јасни механизми за нејзино попречување. Во областа на екологијата која е третиот приоритет за носење на европски стандарди дома се планира да се обезбедат 100 милиони евра за општините за замена на стари системи за греење, за зеленило, енергетска ефикасност, а се работи и на новиот закон за комунална полиција.
-Приоритет е и борбата против корона вирусот, веќе се уплатени средства за набавка на вакцини за 400.000 граѓани кои ќе дојдат во првите месеци од новата година а планираме набавка на уште 800.000 дози вакцини, рече Заев.
Тој најави дека ќе се развива и индустријата на производство на канабис кое ќе се унапредува согласно на светските стандради и трендови.
-Ќе се работи и на многу проекти во областана енергетиката, ќе се намалува емитување на штетни гасови. Во ТЕЦ Осломеј ќе се направи замена со фотонапонска централа во вредност од 70 милиони евра за 100 мегавати. Ќе се оцени дали ТЕЦ НЕготино ќе се адапртира во гасна централа или ќе се продава, рече Заев.
Приоритет е изградба на сообраќајници, посебно Коридорот 8, автопатот Скопје – Блаце, Прилеп – Битола…
-Приоритет е и спроведување на Пописот на населението во првата половина од следната година, рече тој.
Како приороитет тој наведе и постапки за измени на данок на имот, на регистрација на автомобили со странски таблички и активирање на мртов капитал за инвестиции.
-Реформата во образованието е приоритет и таа ќе продолжи. Се прави заради учениците, рече премиерот.