Марин молчи за обвинувањата дека само во Аеродром се гради како во 4 општини заедно

Втор ден градоначалникот на Аеродром, Златко Марин, молчи за бројките и обвинувањата што против него ги извади поранешниот директор на салата „Борис Трајковски“ Златко Перински. Имено Перински вчера преку сликовити графикони објавени на неговиот Фејсбук-профил објасни дека во Аеродром ќе се гради како во 4 општини заедно.

-Центар, Гази Баба, Карпош и Ѓорче Петров или скоро половина од новите станови во цело Скопје се градат само во #ОпштинаАеродром. Новите згради за жителите на Аеродром значат бетон, а за општината и Марин свежи пари, но главното прашање е што се изгради од страна на општината со бетонизирањето на Аеродром? Одговорот е очигледен, НИШТО. Граѓаните и натаму не гледаат ништо од парите кои се слеваат во општинската каса, и понатаму Аеродром е неславен рекордер по загадување, по сообраќајниот метеж и сега по урбаното дивеење и бетонизирање на општината. Срамота!!!, пишува Перински.

Бројките од графиконите покажуваат дека само во 10 месеци од 2020 година Марин одобрил 1155 станови или повеќе од 63.168 метри квадратни станбен простор – нов.

-Ова значи дека во Аеродром, наместо урбанизирање, се случува бетонизирање на површина од околу 7 нови професионални фудбалски терени, пишува тој.

Од кабинетот на Марин, молк. Единствено се пофалија дека ја раззелениле дивата депонија кај Мичурин, претворајќи ја во парк и детско игралиште. Прашањето е ако е сето ова вистина, како воопшто ќе биде возможна борба со загадениот воздух, кога населбата не може да дише од згради?

Претходна вестСтартна победа на Еурофарм Пелистер во СЕХА лигата
Следна вестВо четврток новогодишен концерт во Филхармонија: Нова година – нов почеток!