Скандалозна невистина која не е ниту пријателска ниту европска. Со ваков став реагира македонскиот вицепремиер за европски прашања, Никола Димитров на последната изјава на бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева. Таа изјави дека македонската надворешна политика била под 50 отсто усогласена со онаа на ЕУ.
–Ова е скандалозна невистина. Нашиот степен на усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, според последниот извештај на Европската комисија (октомври 2020) за 2019 изнесува 92 проценти. Очигледно е потребна поголема внимателност, особено кога се работи за лесно достапни податоци. Вака впечатокот е разочарувачки – дека идејата била паушално да се оцрни соседот, што не би било ниту пријателски, ниту европски, напиша Димитров на својата страница на социјална мрежа Фејсбук.
Македонскиот вицепремиер го наведува делот на извештајот на Европската комисија за надворешната политика на Македонија во кој пишува: „за заедничката надворешна и безбедносна политика (ЗНБП), земјата се усогласи – кога е поканета – со 84 од вкупно 91 изјави на Високиот претставник во име на одлуките на ЕУ и Советот, што претставува стапка на усогласување од 92 отсто во 2019 година“.
Захариева претходно рече дека некои од земјите кандидати за членство во ЕУ од регионот се многу малку усогласени со заедничката надворешна политика на ЕУ.
-Северна Македонија е една од овие земји, со исклучително низок процент, под 50 отсто на усогласеност со заедничката надворешна политика на ЕУ. Србија, исто така, е една од оние земји со помал процент, но не толку низок како Република Северна Македонија, тврди Захариева, посочувајќи дека Албанија има прилично висока стапка на усогласеност во областа на надворешната политика со ЕУ.