Зошто општина Центар се сокри зад превезот „елаборати против кулите кај Холидеј ин“?

И сега што? Ова е прашањето – последно во обидите да се спречи никнувањето на облакодерите кај „Холидеј ин“, откако општина Центар вчера соопшти дека нема основи за суспензија на деталните урбанистички планови за кои беа изработени елаборати, бидејќи не биле во согласност со ГУП.

После оваа објава и самиот градоначалник Саша Богдановиќ признава дека сега нема да може да се спречи кулите да се изградат. Иако архитектите, граѓаните и останати експерти беа повеќе од едногласни оти на овој дел од Скопје не смее да никнат таков тип на градби, сепак стравуваа дека нема да може да се спречи. Но во т.н. елаборати за суспензија гледаа надеж, што сега веќе е изгубена. Кулите можеби ќе никнат, и онака угушеното Скопје ќе продолжи да се дави, но засекогаш ќе останат неодговорени неколку прашања, како црна дамка врз сите оние кои го дозволија тоа:

-Општина Центар можеше да го спречи проектот за кулите, но зошто не го направи тоа, криејќи се зад превезот на подготовка на елаборати? Прво не биле соодветни, па ги доработуваа, во меѓувреме инвеститорите си платија комуналии, за на крај Министерството за транспорт да им каже дека се правени според грешен член од законот? И најмалите деца ја „прочитаа“ вистината…
-Зошто градоначалникот Богдановиќ, од кого најмногу се очекуваше овој пат, едноставно не си поднесе оставка кога виде дека против намерата за градба нема да се може?
-Трагичната приказна со кулите, почна во времето на минатата а ќе заврши во оваа власт: зошто политиките без разлика на партиската боја, само глумат дека се опоненти, а на терен, кога се бизнис интереси во прашање – се обединети? Како ниеднаш така не се обединивте за поубаво, почисто и побогато Скопје?!

Од борбата да не се реализира овој проект во среде Центарот на Скопје каде крвотокот е и онака одвај возможен, ќе одзвонуваат пораките на стручните лица дека не смее таква реализација на градба тука. Никој никогаш не го спореше самиот проект, но архитектите беа обединети дека треба да се дислоцира некаде настрана од Центарот. Никој никогаш не ги послуша.

Претходна вестМожна ли е ваква утка? Центар по погрешен член ги правела елаборатите, кај „Холидеј ин“ ќе се гради
Следна вестМилениум ги отвора вратите за кино-вљубениците