Затворен патот Делчево-Пехчево, пет хеликоптери упатени да го гасат пожарот

Поради пожарите што го зафатија регионот на Пехчево и Делчево со кои се опфатени пехчевските села Мачево, Робово и Умлена од полицијата попладнево информираа дека регионалниот пат Делчево – Пехчево е забранет за сообраќај.

Како што соопштија, сообраќајот се одвива преку алтернативните патни правци Пехчево – Смојмирово – Бигла – Делчево и обратно.

Забраната ќе важи се додека се стабилизира состојбата со пожарите.

Пет хеликоптери од кои два македонски и три српски се на пат кон Пехчевскиот регион и заедно ќе го гаснат големот пожар што се заканува на околните села, изјави директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов.

Тој апелира на смиреност и запазување на мерките за безбедност.

-Без паника! Безбедноста на луѓето на прво место! Доколку некој е загрозен од пожарот веднаш нека се оддалечи на безбедно. Нови куќи се прават, нови дрвја ќе пораснат, изгубените животи на луѓето нема да се вратат! Затоа апелираме за запазување на мерките за безбедност, посочува директорот на ЦУК

Претходно во Пехчево заседаваше Кризниот штаб на кој беа утврдени насоки на делување за справување со пожарот, кој во меѓувреме се шири и кон територијата на општина Берово.

Градоначалникот на Пехчево, Драган Тренчовски, изјави дека се преземени мерки и побарана е помош за справување со пожарот.

 

Претходна вестГрадоначалникот на Берово бара помош за пожарот кој се шири од Пехчево
Следна вестВладата одлучува: Ќе се прогласи ли кризна состојба во следните 30 дена?