Се сеќавате ли какви страшни пожари имаше летово во шумите во источна Македонија? Се сеќавате како тогаш се утврди дека пожарникарите немаат соодветна опрема и орудија?
Нема долго да чекаме и еве го летото. Се подготвија ли службите за евентуални нови пожари како што прават сите организирани држави?
Пред некое време официјално се соопшти дека во летните пожари биле зафатени вкупно 9.907 хектари од кои 8.803 хектари биле шумите и дека изгореле 442.074 метри кубни дрвна маса… Се спомна и дека обештетувањето на сопствениците кои претрпеле штета оди бавно, дека се издвоени средства за ново пошумување… и толку.
Но, што стана со набавка на нови противпожарни возила опрема, што се наметна како итна потреба по искуствата со гаснењето. Светот тогаш го обиколија фотографиите на неколкудецении стариот „ФАП“ кој „брзаше“ да ги гасне пожарите некаде во гевгелиско. Пожарникарите од повеќе источни македонски општини беа шокирани кога видоа со каква опрема располагаат пожарниакрите од Словенија, Австрија, Србија… кои дојдоа да помогнат.
-Не можевме да поверуваме дека има противпожарни возила со сателитско следење на пожарите, со амбулантни возила, со техника за вшмукување вода од пет километри далечина за секое возило. Во цела Македонија нема толку противпожарни црева колку имаат неколку нивни камиони, изјавуваа тогаш македонски пожарникари.
Тогаш на виделина излезе и податокот дека во земјава имаме вкупно 241 противпожарно возило, со просечна старост на возилата од 28 години. Се виде дека во општините Делчево и Кратово возилата се стари во просек 35 години, во Струмица 33, во Битола 31, во Скопје 28… Посебен скандал беше околу противпожарните авиони кои не можеа да се користат за гаснење на пожарите бидејќи не биле сервисирани и таму беа испратени дури откако пожарите завршија!?