Актуелен судија во Тетово иако на тетовскиот правен Факултет завршил со просек 7,88, што е под потребниот минимум за запишување на Академијата, се запишал со просек 8,20. Тој си ги поправал оценките и дал лажен податок за постигнат успех на студии, за да се запише на Академијата за судии и обвинители, соопшти Антикорупциска комисија.
Случајот е откриен откако по барање на ДКСК, Просветниот инспекторат ги проверил сите правни факултети во државата за работа меѓу 2008-ма и 2012-та година.
– Оценките биле пречкртани и поправени во повисоки, а притоа немало ни барања за преполагање на испити, ни пријави, ниту пак докази за преположување на трите испита. Државниот просветен инспекторат веднаш го извести надлежното Јавно обвинителство, изјави на вчерашната седница претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска.
Според Судскиот портал, Ељведин Ферати во тетовскиот суд работи на вонпарнична област. Дипломирал на Тетовскиот правен факултет 2008-ма, а магистрирал три години подоцна.




