Темен режим Режим на светлина

Антикорупцинерите бараат кривично гонење на екс градоначалникот на Гази Баба

Иницијатива за кривично гонење на поранешниот градоначалник на скопската општина Гази Баба Борис Георгиевски и актуелниот градоначалник на Студеничани ќе поднесе Државната комисија за спречување корупција. Антикорупционерите утврдиле дека за Георгиевски постојат основи за сомневање во врска со изградбата на катастерска парцела во Општина Маџари на ул. „Перо Наков“ од фирмата „Електроелемент“, односно новиот салон за автомобили на „Волво“.

– Одобрението за градење во случајот со „Волво“, во прва фаза е донесена на 17.02.2020 година, а за втора фаза на 30.09.2020 година, а во медиумите, подвлече, на 28.06.2019 година објавена е информација дека свечено е пуштен во употреба новиот салон за автомобили, токму во објектот започнат со градење како дивоградба. По направената целосна проверка, градбата е изведена без одобрение за градба, градоначалникот постапил спротивно на Законот за локална самоуправа, што претставува прекршување на Закон и злоупотреба на службената должност и овластување, информира Нури Бајрами, член на Комисијата.

Тој додаде дека овој случај покажал како за овластените општински инспектори, практично одлучува градоначалникот.

-Инспекторот бил на мака и тој требало да се изјаснува пред членовите на Советот, бил изложен на мобинг. На последната средба што ја имавме дознавме од актуелните вработени односно тие што присуствуваа на состанокот дека овластениот инспектор  ја напуштил работата. Ова е појава една што треба да се третира на наредните дебати, овластените инспектори навистина да можат да постапуваат, изјави Бајрами

За Азен Садики основи за сомневање постојат врз основа на Ревизорски извештај, за недомаќинско работење и трошење на средства од Буџетот, како и јавни набавки во општината.

– Во 2020 година на сметката на Општина Студеничани биле исплатени средства во вкупен износ од 2,4 милиони денари без соодветна поткрепувачка документација, а вклучуваат поправки и тековно одржување на улици и патишта во износ од 1,9 милиони денари на двајца добавувачи по фактури, а нема прилог дека работите се извршени и одобрени. За поправка на возила се исплатени 205 илјади денари, за што нема работен налог. На членовите на Советот на Општина Студеничани и на градоначалникот им се исплатени средства во износ од 908 илјади денари по основ на месечен надоместок за присуство на седници, кои пак воопшто не се одржале, информираше претседателката на ДКСК Билјана Ивановска.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

Имало ли „шеми“ за доделување спортски ваучери?

Следна објава

Судот ја ослободи велешанката обвинета за убиство на невенчаниот сопруг