Директорот на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје Драги Кушовски вечерва потврди дека нафтата пристигнува во базните станици на претпријатието во Автокоманда и Ѓорче Петров и оти во текот на ноќта резервоарите на автобусите ќе бидат наполнети.
-Сите автобуси што се во возна состојба утре редовно ќе сообраќаат, изјави Кушовски за МИА.
Владата вчера се вклучи во решавањето на проблемот со недостигот на нафта за автобусите на ЈСП Скопје. На вонредна седница е донесена одлука со која ќе се овоможи на градот Скопје да му се позајмат дел од нафтените резерви на државата.
-Владата вонредно расправаше поради недостигот на енергенси за обавување на јавниот сообраќај на територијата на Град Скопје, при што беше констатирана лошата состојба и недостиг на гориво за потребите на Јавното сообраќајно претпријатие при што Владата се вклучи во решавање на овој проблем. Се донесе одлука со која се утврдува постоење на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија, изјави по вонредната седница портпаролката на Владата, Венера Љатифи Азизи.
Советот на Градот Скопје вчера одржа седница на која беше најавено дека по интервенцијата на Владата со нафта од државните резерви за седум дена ќе биде нормализиран автобускиот превоз во град Скопје.
-Да истакнам една благодарност не само од мое име туку и од име на градот Скопје и од граѓаните на градот Скопје затоа што утре ќе можат да си стигнат на своите работни места сите оние коишто се движат со јавен превоз и учениците ќе можат да стигнат на училиште. Едновремено би сакала да апелирам до сите вас да се следи овој позитивен пример затоа што доколку е дојден моментот да покажеме пред граѓаните дека сме способни да направиме исчекор и консензус да имаме за прашања коишто се од клучно значење за нивниот интерес тоа можеме да го направиме и повторно со тоа што на следната седница ќе се гласаат сите оние работи коишто навистина се неопходни за нив, рече градоначалничката на Скопје Данела Арсовска пред советниците.
За кризата во ЈСП, Арсовска вели дека не е резултат на несоодветното менаџирање на претпријатието, туку поради што редовната јавна набавка била предмет на управна контрола од страна на Бирото за јавни набавки.
Советникот од ВМРО-ДПМНЕ Мартин Стојановски рече дека Владата направила одличен потег со тоа што активирала дел од државните стокови резерви за гориво за потребите на градот Скопје со тоа што се решава проблемот со автобускиот превоз на краток рок односно за седум дена.
– Се што треба градот Скопје да направи во рок од тие седум дена е да направи постапка за јавна набавка за гориво до Бирото за јавни набавки. Секако Бирото тоа би го одобрило доколку е се во ред за да нема проблем како што настана овие неколку денови, рече Стојановски.
Во однос на приватните превозници кои нудат 200 автобуси да се вклучат во сообраќајот доколку се зголеми цената за километар, советникот рече дека таква седница нема на дневен ред денеска и оти нивниот предлог мора да се разгледа за да се видат кои се реперкусиите и каков буџет е потребен. За тоа, додаде тој, сепак треба мнозинство од сите советници.
За тоа дали ќе се надмине кризата со свтобускиот превоз во Скопје, вели дека тоа сепак зависи од менаџирањето на градот Скопје за понатамошните денови откако ќе поминат овие седум дена.
– Се зависи од менаџментот. Ние како Совет сме тука само да изгласаме одлуки. Менаџирањето го носи највеќе директорот на ЈСП и градоначалничката на градот Скопје, г-ѓа Арсовска, рече тој.
Стојановски нагласи дека тие како советничка група ги изгласале сите програми досега за градот Скопје, вклучително и за ЈСП Скопје.
– Доделивме само оваа година 645 милиони денари, тоа мислам околу 10 милиони евра субвенции за ЈСП. И претходните години имаме огромна сума доделено субвенции, што значи дека ние како советничка група секако сме гласале за се’ што е позитивно за ЈСП Скопје, но и за останатите претпријатија, рече тој.
Дали ќе гласаат за набавка на новите еко автобуси, Стојановски нагласува дека советничката група на ВМРО-ДПМНЕ не гласа неколку пати за овој предлог затоа што немаат информација од кого би се набавиле, колку би чинела сумата, колку кој би ги платил тие автобуси.
– На прашањето кој ќе ги плати тие автобуси, кој ќе ги набави во градот Скопје и дали има средства за тоа ни беше одговорено дека има еден денар. Верувајте дека некој кога ќе ви одговори дека ќе има еден денар за автобусите секако не би го изгласале тоа, рече советникот на Град Скопје.
Советничката од СДСМ во Градот Скопје Љубица Јанчева изјави дека очекува на седницата да биде изграден консензус и да бидат донесени заеднички заклучоци по актуелната состојба во град Скопје.
– Дел од предлозите коишто не се содржани во барањето ние денеска на прес-конференција и ги обзнанивме. Тоа се три предлози. Ќе бараме Советот едногласно да донесе заклучок со којшто бараме од државните резерви за нафта да биде одобрено субвенционирање од Владата на РСМ кои ќе бидат доделени на град Скопје за да се надмине хаотичната состојба во ЈСП Скопје и тоа не е првпат. Ќе бараме да донесеме консензуален заклучок за измени на Законот за финансирање на ЕЛС, единките коишто ги основаа тие. Значи и тоа не е ништо ново, рече Јанчева.
Третиот предлог е пратениците во Собранието на РСМ да иницираат надзорна расправа за состојбите во град Скопје.
– Иако е локална самоуправа Собранието е законодавен дом, постои Закон за град Скопје па оттука и надлежностите на Собранието за се што е во врска со јавниот интерес да се одржува надзорна расправа, рече Јанчева.



