Барам мајстори, ќе ја зголемувам терасата поради пописот

Дневната бројка на новозаразени од вирусот надмина над 1.000 случаи. Пандемијата пак се засили, особено што и понатаму нема вакцини.

И на сета таа ризична ситуација, власта и понатаму упорно тврди дека мора да се спроведе пописот и дека не било опасно да се сретнеш со попишувачот. Сега дури дојдоа и до идеи да сме се попишувале  во двор, на тераса,и задолжително носење на заштитна маска (КН95) и растојание од најмалку 1,5-2 метри.

– Претераа со инсистирањето на пописит. Мене дома внуците ми немат дојдено, а сега попишувач да сум пуштел да влезе. Тераса имам од еден метар, а ми викаат два метра растојание да држам. Сега треба мајстори ли да барам да ја зголемувам терасата за да се попишам? Нормални ли се овие што прават, реагира граѓанин на социјалните мрежи.

Голем е бројот на граѓани кои веќе најавуваат дека нема да отворат врата на попишувачите бидејќи пандемијата се засилува. Но дали тоа го гледа и дали го анализира власта? Има ли Владата цел да се спроведе успешен попис во кој сите ќе учествуваат?

Засега не се размислува за одложување на пописот, а ваквата одлука би зависела единствено од Комисијата за заразни болести, изјави Апостол Симевски, директор на државниот Завод за статистика

-Одложувањето е можно ако Комисијата процени дека епидемиолошката состојба е нагло влошена. Ние ги планиравме сите пописни активности согласно состојбата во ноември кога беше најголем пикот, па поради тоа сегашната состојба дозволува спроведување на попис се строго почитување на протоколите, рече Симевски.

Што размислуваат во Комисијата за заразни болести? Тоа е истата Комисија која деновиве предложи повторно да се воведе полициски час бидејќи бројот на новоинфицираните лица постојано се зголемува, исто како и смртноста на заболените. Членовите на оваа тело треба да и објаснат на јавноста зошто не предлагаат одложување на пописот, за период кога превентивните мерки и, да се надеваме, вакцинацијата би требало да  придонесат да се намали ширењето на вирусот?

Од друга страна, директорот на ДЗС треба да објасни зошто бојкотот на пописот за кој се определеуваат се повеќе партии и граѓани не го зема предвид како фактор за одложување на пописот?

Што е толку итно, за да не може пописот да се одложи неколку месеци?

 

Претходна вестУште еден земјотрес регистриран во околината на Тетово и Гостивар
Следна вестРакометарите на Македонија денес играат против Данска