Беше ли тероризам настанот од 27 април?

Македонската јавност вчера одново се потсети на настаните до 27 април 2017 година. На петгодишнината од настанот кога неколку стотици граѓани насилно упаднаа во македонскиот парламент, одново се видоа поделбите во Македонија. За владачката партија тоа е и натаму „црн датум во поновата македонска историја“, додека опозицијата смета дека се изречени „драконски и неправедни судски пресуди“ на лицата осудени за овие настани.

Сега сите погледи се свртени кон Врховниот суд кој треба да донесе конечна одлука по пресудите на Основниот суд – Скопје и на Апелацискиот суд со кои вкупно 18 лица се осудени на 188 години затвор (поединечно од седум до 13 години затвор) за „терористичко загрозување на уставниот поредок“ и други кривични дела, кои ги сториле при упадот во парламентот.

А околу судбината на овие луѓе, поточно, околу високо изречените долгогодишни затворски казни, веќе со месеци се создаваат најразлични дилеми. Конкретно, околу тоа дали е можно ново судење, нови докази, ублажување на казните, па се до нивно помилување.. Дилемите најмногу ги отвори претседателот на државата Стево Пендаровски кој неодамна му ја намали казната на еден од осудените – Абдуљфета Алими за осум месеци. Тогаш од Кабинетот на Пендаровски само објаснија дека Алими ги исполнил условите за помилување, но не кажаа дали тоа може да се очекува и за останатите осуденици.

Претходно, во април минатата година токму Пендаровски изненадувачки изјави дека „луѓето кои на 27 април влегле во Собранието не се терористи“. Набрзо потоа рече и дека „не планира да даде помилувања на осудените лица“, дека некакво менување на пресудите е можно само преку нов судски процес доколку се појават нови докази, дека тие лица сториле кривични дела… 

Професорка по правни науки и пратеничка Гордана Силјановска Давкова вчера потенцираше дека случајот е режиран и всушност се имало намера да се влее страв кај граѓаните во Македонија за да не реагираат по она што потоа власта го направи во државата.

-Пет години по настанот ми се чини дека никој не верува, од претседателот па до кој друг, дека се случил тероризам, истакна таа.

Дали ќе има преквалификација на делото од тероризам во друго кривично дело, е прашање кое голем дел од јавноста си го поставува.

 

Претходна вестМаслото за јадење „Брилијант“ поскапе од 115 на 135 денари
Следна вестСеќавања на масакрот врз македонските херои кај Вејце