Темен режим Режим на светлина

Сеќавања на масакрот врз македонските херои кај Вејце

Со изрази на почит и полагање на цвеќе на спомен-обележјето во касарната “Илинден“ денеска се одбележуваат 21 година од нападот кај тетовското село Вејце во кој осум припадници на специјалните единици на МВР и на МО ги положија своите животи во одбрана на татковината – Македонија.

На 28 април 2001 година, попладнето во 17:45 часот на кривината Црвен камен во месноста Бреза, на средина од планинскиот пат помеѓу селата Селце и Вејце – тетовско, се случи еден од најгрозоморните и најкравави настани во војната во Македонија од 2001 година. Тогаш од припадници на терористичката, паравоената формација ОНА, од заседа беа пресретнати, нападнати, убиени и на крај ѕверски масакрирани и живи запалени осум бранители. Загинаа Роберт Петковски (27) од Скопје, Бобан Трајковски (28) од Куманово, Игор Костески (26) од Скопје, Миле Јаневски (30) од Македонска Каменица, Марјан Божиновски (27) од Битола, Илче Стојановски (24) од Битола, Кире Костадиновски (24) од Битола и Бошко Најдовски (24) од Битола.

Шесттемина преживеани биле во последното возило од колоната. Повредени, успеале да се извлечат и да јават за масакрот.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска на нејзиниот фејсбук профил напиша дека во касарната „Илинден“ е оддадена должна почит на бранителите.

-Почит и незаборав за Роберт Петковски, Бобан Трајковски, Миле Јаневски и Игор Костески, четворицата припадници на Баталјонот за специјални сили при Армијата, кои на денешен ден – 28 април 2001 година трагично загинаа во Вејце.  Со поклонување пред спомен обележјето во нивна чест во касарната ,,Илинден“ во Скопје, спомнуваме за жртвата на припадниците на Армијата и на припадниците од составот на МВР, што нѐ обврзува да си ја сакаме и чуваме татковината. Да се грижиме за нивните семејства и колеги, за сите припадници на безбедносните сили, како што тие се грижат за нас. Споменот нѐ учи заедно и единствени да ја градиме иднината, во мир и соживот. Слава им и вечен спомен!, објави Петровска.

Како и претходните години делегација на партијата Достоинство, на чело со Стојанче Ангелов одаде почит на загинатите припадници на армијата и на полицијата.

-Дваесет и една година подоцна, осум црвени ружи и осум запалени свеќи во чест и помен на осумтемина загинати македонски бранители, убиени во крвавата заседа кај с.Вејце. Да не се повтори, да не се заборават, напиша Ангелов на ФБ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

Беше ли тероризам настанот од 27 април?

Следна објава

Нова голема инвестиција во Србија, ќе произведува електрични возила