Заедничка и јавна средба на која ќе се договори датумот за одржување на предвремени парламентарни избори му предложи денеска на премиерот Димитар Ковачевски лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. На прес-конференцијата Мицкоски рече дека тоа би било природно решение за „катастрофалните состојби во кои се наоѓа земјата”.
– Не барам Ковачевски да брза. Нека размисли, знам дека ќе го советуваат да одбие. Но, нека размисли, нека преспие, нека се советува со повеќе луѓе. Очекувам одговор во следните десетина дена. Нека биде краен рок 10 мај – вторник. Доколку ја одбие и оваа понуда за средба за излез од националната катастрофа што ја живее Македонија, ВМРО-ДПМНЕ ќе заседава, а потоа следат сериозни и досега непрактикувани чекори, рече Мицкоски.
Тој не објасни за какви „непрактикувани чекори“ се работи.
Лидерот на опозицијата предложи тимови од неговата партија да работат заедно со тимовите од власта до одржувањето на изборите.
-На тој состанок ќе предложам и четири тима од ВМРО-ДПМНЕ составени од луѓе со искуство и луѓе кои се покажале во минатото, во четири акутни области – економија, надворешна политика, здравство и образование, во кои се детектирани клучни акутни проблеми во моментот во земјата. Овие тимови ќе работат со тимови во власта во меѓупериодот од сега до денот на одржување на предвремените парламентарни избори, про боно без никаков надомест и никакви привилегии. Тука сме да и помогнеме на Македонија кога и е најтешко, рече Мицкоски.
Според него, ова ќе овозможи да се решат „акутните проблеми во општеството и да се ослободат граѓаните од тензијата во која живеат”.
-Потоа на предвремените парламентарни избори народот нека одлучи во каква држава сака да живее и каква иднина сака да има. Ако премиерот ја одбие понудата ќе се покаже дека државата нема лидерство, а народот ќе мора да дојде по своето, затоа што сето ова како што имало почеток има и крај, предупреди Мицкоски.




