Бочварски ја реши дилемата со патарините: Секој одлучува дали ќе вози по автопат или по пат без патарина

Секој граѓанин одлучува дали ќе патува по автопат каде што се плаќа патарина или преку регионален пат каде нема патарини. Граѓаните од источниот регион имаат можност да патуваат преку Велес, преку друг тарифник за наплата на патарини или преку регионални патишта каде нема патарини, изјави денеска Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.

Вака тој одговори на новинарското прашање врзано за цената на патарините кои ќе се плаќаат за новиот автопат од Скопје кон Штип. Како што е познато, во јавноста имаше многу реакции дека определената цена од 160 денари за патување во еден правец е превисока. Досега од Скопје до Штип се патуваше за 40 денари.

-Цената на патарините законски изнесува 2,57 денари по километар, без разлика дали се работи за еден или друг автопат, патарините се исти, дали кон Гевгелија, Велес или Куманово. Се работи за регулатива која е донесена со одлука на Влада и има правилник како и колку се определуваат патарините, рече Бочварски.

Тој вели дека цените на патарините во Македонија се најскапи.

-Ние имаме релативно ниски цени на чинење на патарините. Во околните и во европските земји цените на чинењето се многу повисоки. За да имаме квалитетна патна инфраструктура и да може да се одржуваат патиштата во зимски и други тековни услови, тоа ја чини државата и тоа треба да се сервисира од граѓаните. И ние треба квалитетно да ги одржуваме патиштата, нагласи министерот.

Не остана објаснето зошто мора да има патарини, а не е на пример сето тоа решено со вињетки, како што е во Словенија, Австрија… каде нема непотребни и чести застанувања на патот, па колони.., а и нема нови непотребни вработувања, градење патарини…

Претходна вестВо скопските ковид центри има 190 слободни болнички кревети
Следна вестБројот на смртните случаи од корона вирусот опаднал за 20,4 проценти