Шест нови кривични пријави, против повеќе лица, денеска до Обвинителството поднел Бојан Јовановски-Боки 13 кој неодамна беше осуден на девет години затвор за случајот „Рекет“.
-Пријавите се поднесени за повеќе кривични дела, меѓу кои: злоупотреба на службена положба и овластување, несовесно лекување на болни, тортура, обид за убиство и др. Поради фактот дека се работи за предистрага и само поднесување на кривична пријава, не можам да кажам за кои лица станува збор, само ќе кажам дека станува збор за претставници на медицинската струка кои учествувале во некакви процеси, претставници на власта, на судската и на обвинителската фела, изјави неговиот адвокат Сашо Дуковски
Ова е нова тура на кривични пријави кои што ги поднесува Јовановски откако во јуни годинава, исто така, поднесе повеќе пријави. Тогаш, со кривичните пријави беа опфатени околу 40 лица – функционери на власта, нивни сопартијци, бизнисмени… Во изјавата за јавност Боки 13 тогаш наведе дека се работи за лицата кои ја злоупотребиле службената положба со местење тендери, учествувале во измами, изнуди и шпиунажа, па се до обид за убиство. До сега Обвинителството не соопшти како се решени пријавите.