Едно ветување пред микрофоните – друго на терен, вака остана „приказната“ за депонијата Вардариште во среде густо населеното скопско Маџари. Локалната власт и комуналното претпријатие се правдаа дека била само привремена оти немало можност да се носи секојдневно со тони смет до Дрисла. Еднаш дури нагласија и дека се чисти во моментот, но кога камерите отидоа да проверат сликата беше иста- разочарувачка.
Дали со депонијата кај Ново село, општина Ѓорче Петров се случува истото? Скопјани токму од тоа стравуваат кога пред неколку дена се пожалиле на медиумите дека и покрај ветувањата депонијата стои.
-Се потрупува дел од неа со песок или земја, што и да е, но не е исчистено тоа под песокот, само се истура одозгора. Што ако се загади почвата?!, стравуваат жителите.
Од општина Ѓорче Петров велат не отстапуваат од ветеното и бараат уште само малку трпение од граѓаните.
-Досега, исчистена е речиси 70 проценти од површината. Според динамиката, и доколку дозволат условите, очекуваме после средината на овој месец, конечно да го решиме овој затекнат 12-годишен проблем. Апелираме на уште малку трпение кај граѓаните, велат од таму.
Инаку станува збор за површина голема колку 15 фудбалски игралишта, на што зимоска се потрошија 10 милиони денари за расчистување ама пак „никна“. Пред повеќе од 40 дена од Општината ветуваа дека оваа повришина, за месец до два, ќе се вика парк, а не депонија.