Шефовите на држави или влади на членките на Европска Унија рано изутринава постигнаа договор за начинот на финансирање на Украина за периодот 2026–2027 година, во рамки на Самитот што започна вчера. Поддршката ќе се реализира преку кредит во износ од 90 милијарди евра, при што средствата ќе бидат обезбедени со задолжување на Унијата на пазарите на капитал, поткрепено од долгорочниот буџет на ЕУ.
„Имаме договор. Одлуката за обезбедување поддршка од 90 милијарди евра за Украина за 2026–2027 година е одобрена. Се обврзавме, исполнивме“, објави претседателот на Европски совет, Антонио Кошта, на Икс нешто пред 3 часот по полноќ.
Со договорот е предвидено Украина да започне со враќање на кредитот дури откако Русија ќе ѝ исплати репарации за штетите предизвикани за време на инвазијата, додека Европската Унија го задржува правото да ги користи замрзнатите руски средства за финансирање на заемот. Воедно, лидерите ѝ дадоа мандат на Европска комисија да продолжи со работа на т.н. заем за репарации, кој би се темелел токму на замрзнатите руски средства.
Со цел да се избегне евентуална блокада од Словачка, Унгарија или Чешка, кои изразија противење на дополнително задолжување на Унијата, во договорот е вклучена одредба според која евентуалното мобилизирање средства од буџетот на ЕУ како гаранција за заемот нема да има влијание врз финансиските обврски на овие земји.
Бриселските медиуми оценуваат дека постигнатиот договор претставува политички пораз за претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и за германскиот канцелар Фридрих Мерц, кои беа меѓу најгласните поддржувачи на планот за заем за репарации за Украина, финансиран директно од замрзнатите руски средства во ЕУ.


