Секое дете има афинитети кон нешто. Ние како наставници треба да ги препознаваме, будно да ги пратиме тие посебни дарби, да ги стимулираме и да ги негуваме. Но, тука се важни и добрите услови за работа, стратегија на државата во обраозванието во однос на талентираните ученици, а што не можам да кажам дека се добри сега… Вакво е размислувањето на Светлана Димитриевска, професорка по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ која веќе цели 17 години едуцира нови генерации наши музичари, но и работи со талентираните ученици. Доказ за тоа се и бројните признанија кои нејзините ученици ги освојуваат на престижните натпревари каде конкуренцијата е мошне висока. Имињата на талентираните ученици Невена Данчева, Лена Катја Илиевска, Мина Фрчковска, Матеј Поповски, кои освојуваа награди на државни и меѓународни натпревари се веќе афирмирани во музичкиот свет. Професорката Димитриевска ни вели дека сето тоа е резултат на заедничките напори во еден цел синџир: од препознавање на посебно талентираните ученици, па преку напорно вежбање.
-Јас сепак работам во училиште во кое децата што се запишуваат веќе имаат поминато приемни испити, на кој се согледува нивната музикалност. Меѓутоа, тоа е само првиот чекор на почетокот. Понатамошниот развој и мотивација се многу предизвикувачки. Ученикот не треба да се преоптеретува, но секако не треба да падне во стапицата на комфорната зона, што значи, дека после секоја материја, која кај талентите треба да биде предизвикувачка, ученикот ќе бележи напредок, ни вели овој педагог.
Таа додава дека фактот што одделенијата во основните училишта често пати имаат голем број ученници дополнително го отежнува процесот на работа со надарени ученици. Тука недостигаат поранешните секции кои убаво функционираа и во кои доаѓаа до израз таленти. Во ДМБУЦ “Илија Николовски – Луј”, учениците имаат настава во мали групи, а наставата по инструмент е индивидуална, што е олеснително. Но, за разлика од училиштата во регионот тука се работи во релативно лоши услови, со стар инструментариум и мали простории. Потребна е обнова.
-Мислам дека нашите наставници немаат услови за работа со надарени и талентирани ученици. Самото образование и образовната програма се во криза. Администрацијата е обемна. На наставниците им е одземена самодовербата. Тука и родителите имаат свој придонес. Во училиштата треба да се обноват и опремат кабинети, да се создадат елементарни услови, особено за надарените ученици, бидејќи тие се и многу љубопитни. Со јасни насоки и услови нема да има простор за грешки. Мислам дека и државната стратегија е во вакуум. Среќа што сепак мојата работа се заснова на индивидуален пристап, па тоа се сосема други услови и поинаков педагошки пристап, вели Димитриевска.
Таа е категорична во ставот дека државата треба да направи многу повеќе во однос на талентираните ученици.
-Мислам дека државата нема јасна стратегија за талентите. Самите конкурси, треба да бидат потранспарентни, особено ако некој проект е во служба на промоција на млади таленти. Но, Министерството за образование треба да покаже повеќе слух и заинтересираност за промоција на талентите во сите сфери. Односно, да обезбеди услови за нивно развивање. Ние сме мала држава и треба многу да бидеме фокусирани на тоа. Образовните програми треба сериозно и солидно да се ревидираат, притоа да се одбере објективно стручен кадар за истото, потецнира овој педагог зад кого се бројни таленти.
Напорни подготовки за натпреварите
Припремите за концерти, а особено за натпревари се напорни. Тогаш и критериумите ги подигаме, затоа што знаеме дека конкуренцијата е голема. Часовите се зачестени, често пати и во сабота; учениците треба да вежбаат во континуитет со концентрација, под надзор на наставникот. Тука и поддршката од родителот има огромно значење, тоа е таа волшебна релација, која дава резултати: наставник-ученик-родител, ни вели Димитриевска за свој „рецепт“ за награди.