Јасно е дека Христијан Мицкоски и раководството на партијата кои деновиве сурово, жестоко и неочекувано ме нападнаа и обвинија, водат однапред подготвена кампања против мене, дека наводно сум подготвувал соработка со власта на штета на партијата и нацијата, порача денеска екс-лидерот на ВМРО – ДПМНЕ и поранешен премиер Никола Груевски. Во објавата на неговиот профил на Фејсбук, по денешните изјави на неговиот наследник во партијата Христијан Мицкоски.
За „војната“ и препукувањата со поранешниот премиер и негов претходник, Никола Груевски, Мицкоски истакна дека „сака Македонија да оди напред, а да не биде заглавена во тајните средби меѓу Ахмети, Груевски и Ковачевски“.
-Лажната кампања на СДСМ дека партијата е раководена од Будимпешта се распрсна како меур од сапуница и нивната петарда пукна во нивна рака, рече Мицкоски.
По ова, Груевски денеска потенцира дека тоа се случува во време кога континуирано и без исклучок речиси секојдневно жестоко ја напаѓа власта со сите сили и аргументи, и ги брани националните позиции со аргументи и со историски факти како ниту еден од раководството на партијата, на чело со Мицкоски.
-Со оглед дека нивните напади не се вистина, заради што не можат да ги поткрепат ниту со најмал доказ, зборуваат дека некои други луѓе нешто зборувале и планирале, се договарале, се фалеле или слично, но никаде ме нема мене. Па така, останува дека тие, пред се водени од Мицкоски, кој се обидува да ги инволвира сите други, свесно, со намера, подолго подготвувано, со план и стратегија, маркетинг кампања и однапред програмирани чекори започнаа не само напад, туку и валкана кампања против мене, токму со цел да ме направат нивни противник и да ни направат штета. Многу долго време сум бил на таа позиција на која е Мицкоски сега, за да не сватам кои му се намерите и мотивите, наведе тој.
Груевски наведува дека има повеќе можни причини за тоа.
-Тргнувајки од страв заради крајно нечовечкото однесување кон мене на Мицкоски и на овие поединци во раководството на партијата во последните 6-7 години, кои дел ги донесов а дел растеа покрај мене во политиката, па до влијанија од надвор, докажувања некаде, скриени агенди, тајни планови за важни прашања, не чесни планови и нечесен однос, нервоза и незадоволство од некои анкети, лични амбиции и длабоки комплекси на поединци итн. На членовите на партијата, активистите и сите во раководството им порачувам да не наседнуваат на вакви погубни стратегии, да размислуваат со своја глава, да бараат цврсти докази кога ги тераат некого да осудат на невидено, за да не се еден ден во ситиација да се извинуваат и да се правдаат, дека биле прелажани, дека слепо некому верувале, дека сега им е криво, не ги знаеле добро работите или слично. Ова очигледно е голема игра во која сакаат да ве повлечат сите. Да не речете потоа: па што не ни кажа? Па одкаде ние да знаеме сѐ? Тргнете се од ботовите и платените пропагатори. Имате многу начини да ја изразите лојаноста кон партијата без да станете дел од нечесни игри, порача Никола Груевски.
Јавните преписки на релација Груевски-Мицкоски започнаа пред два дена, откако актуелноит лидер на партијата за германскиот весник ФАЦ изјави дека неговиот претходник има валкани договори со власта за да се изгласаат уставните измени, но Груевски тврди дека со ниту еден потег досега не направил раздор во ВМРО-ДПМНЕ.



