Индија ги нападна Пакистан и пакистанскиот Кашмир, a Пакистан соопшти дека соборил пет индиски борбени авиони, во најтешкиот судир по повеќе од две децении меѓу непријателските земји со нуклеарно оружје. Индија соопшти дека нападнала девет локации на пакистанска „терористичка инфраструктура“, некои од нив се поврзани со нападот на исламистичките милитанти врз хинду туристите во кој минатиот месец загинаа 26 лица во индиски Кашмир. Исламабад го нарече нападот „безобразен чин на војна“ и рече дека го информирал Советот за безбедност на ОН оти Пакистан го задржува правото соодветно да одговори на индиската агресија.
Исламабад рече дека мета биле шест пакистански локации и дека ниту една од нив не е логор на милитантите. Деветнаесет лица загинаа, меѓу нив и дете се вели во соопштението. Индиските сили ги нападнаа штабовите на исламистичките милитантни групи Џаиш-е-Мохамед и Лашкар-е-Таиба, изјави извор од индиската одбрана за Ројтерс.
Индија покажа значителна воздржаност во изборот на цели и начинот на извршување, се вели во соопштението на индиското Министерство за одбрана.
Пакистан рече дека индиски проектили погодиле три локации, а воен портпарол изјави за Ројтерс дека пет индиски авиони биле соборени, тврдење кое не го потврди Индија. Сепак, четири извори од локалната власт во индиски Кашмир изјавија за Ројтерс дека три борбени авиони се урнале во разни области на регионот на Хималаите во текот на ноќта. Сите тројца пилоти се хоспитализирани, додаваат изворите. Претставници на индиското Министерство за одбрана не беа веднаш достапни за да ја потврдат информацијата.
Фотографиите што кружат на локалните медиуми покажаа големо оштетено цилиндрично парче метал во боја на сребро што лежи во полето на едно од местата на уривањето. Ројтерс не можеше веднаш да ја потврди автентичноста на сликата.
-Сите овие ангажмани се направени како одбранбена мерка. Пакистан останува многу одговорна држава. Сепак, по секоја цена ќе ги преземеме сите неопходни чекори за одбрана на честа, интегритетот и суверенитетот на Пакистан, рече портпаролот на пакистанската војска Ахмед Шариф Чаудри.