Случајот со врсничкото насилство во скопската населба Ѓорче Петров добива правна разрешница, откако Основно јавно обвинителство Скопје отвори постапка против четири малолетнички осомничени за физички напад врз 13-годишно девојче.
Според обвинителството, нападите се случиле во два наврати и биле координирани, а осомничените – една 17-годишна и три 14-годишни девојчиња – се гонат за кривично дело „насилство“. Постапката се води согласно Законот за правда за децата, а предметот е доставен до судија за деца во Основен кривичен суд Скопје.
Паралелно со ова, се спроведува и истрага за можна одговорност на родителите. Полицијата поднела шест кривични пријави против родители, под сомнение дека со занемарување на своите обврски придонеле за насилничкото однесување. Тие се товарат за делото запуштање и малтретирање дете.
Во тек е прибирање на докази и детална проверка на сите околности, со цел да се утврди дали евентуалните пропусти во родителската грижа имале влијание врз ескалацијата на случајот. За малолетничките, поради сериозноста на настанот, предложени се мерки на претпазливост.





