Темен режим Режим на светлина

Иванова од СДСМ, Мехмеди од Алијансата и Адеми од ДУИ номинирани за работната група за уставните измени

Цветанка Иванова од СДСМ, Ремзи Мехмеди од Алијанса за Албанците и Арбр Адеми од ДУИ се номинирани за работната група за уставни измени на последниот ден од поднеувањето на предлозите чиј рок завршува ноќеска на полноќ.

Владејачкиот СДСМ се одлучи да ја номинира генерална секретарка на Собранието, Цветанка Иванова, за свој претставник во работната група. Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ, образложувајќи ја номинацијата на Иванова, рече дека таа е дипломиран правник, со долгогодишно искуство, одличен познавач на Уставот и законите, но и и на собраниските процедури.

-СДСМ активно ќе учествува во експертското тело што го формира Министерството за правда. Тоа е државнички, тоа е одговорно, затоа што станува збор за процес од кој зависи членството во Европската Унија, како врвен национален и државен интерес. Очекуваме преку отворен, транспарентен процес, да дојдеме до најдобриот македонски модел за уставни измени, кој ќе значи продолжување на европскиот пат, порача Каевски.

ДУИ го номинира својот пратеник Арбер Адеми, а Алијансата за Албанците Ремзи Мехмеди.

Претседателот Стево Пендаровски потврди дека негов претставник во работната група за уставни измени ќе биде професорот на Правниот факултет, Александар Спасов, кој е и негов правен советник.

Рокот за номинирање на претставници за работната група која ќе ги подготвува амандманите за уставни измени истекува на полноќ. Ова работна група треба да ги изготвува амандманите со кои бугарската заедница треба да биде вметната во Преамбулата на Уставот.

Освен парламентарните политички партии, во работната група претставници треба да номинираат и од Министерството за надворешни работи, Секретаријатот за европски прашања и експерти од областа на уставно право. Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ најави дека СЕП активно ќе учествува во работната група и дека наскоро ќе биде соопштено името на претставникот.

Министерството за правда во вторник (11.04) ќе го соопшти составот на работната група за измени на Уставот. Од партиите од опозицијата, ВМРО-ДПМНЕ, Алтернатива, Левица, Социјалистичка партија и Демократски сојуз најавија дека нема да предложат свои претставници во работната група за уставни измени.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава
Пак запалено возило во Скопје, во Чаир изгорело Ауди

Сообраќајка на патот Градско-Прилеп, три лица тешко повредени

Следна објава

Бебе почина во болницата во Битола, ќе се испитуваат причините за смртта