Јана Белчева: ДУП-от кај ГТЦ да се врати на ниво на план кој ќе оди на меѓународен конкурс

Министерството за транспорт има законски обврски по член 23 од Законот за урбанистичко планирање да ги разгледа забелешките и да одобри суспензија на ДУП-от за паркингот кај ГТЦ, укажува Јана Белчева, сега советник, а поранешен претседател на Советот на општина Центар.

Силни се реакциите на граѓаните околу најавата за градење висококатници кај ГТЦ. Што сега Советот на општина Центар може да направи во однос на ДУП-от кај ГТЦ?

-Советот го направи она што можеше да го направи во декември минатата година кога видовме дека работите по укинувањето на мораторумот одат во несакана насока. Советот тогаш заклучи да го задолжи градоначалникот Богдановиќ да испрати документи до Министерството за транспорт и врски потребни за поведување на суспензијата на ДУП-от. Но, тој не ги испрати стручните мислења на Комисијата за урбанизам туку само допис со генерални забелешки за плановите. А Советот сакаше да го охрабри да го направи последниот и потребниот чекор. Тоа е последна алатка, друга нема. Општината претходно имала механизми да направи и поголеми чекори, но тоа не било сторено. Министерството за транспорт има законски обврски по член 23 од Законот за урбанистичко планирање да ги разгледа забелешките и да одобри суспензија. Тоа е сега последниот можен потег за да се преиспитаат решенијата за просторот. Доколку се вклучат и други институции, може процесот да се врати во некои претходни фази, дури и во фазата пред оформување на парцелата. За жал градоначалникот не ја искористил својата моќ и инструменти со кои располага, а само од нему познати причини и дозволил проектот да дојде до оваа фаза.

Дали Вие планирате да иницирате нешто во рамките на Советот или пред некоја друга институција за да се сопре реализација на овој ДУП?

-Последна алатка на Советот беше да се побара суспензија. Градоначалникот беше задолжен тоа да го побара во рокот од десет дена. Но, тој не постапи. Прашање е зошто не постапил? Имал инструмент во рака 4 месеци, но не го искористил. Советот исцрпил се како можност. Ние, откако увидуваме дека системот не предвидел можност за да се бара отчетност, па дури и отповикување, треба да направиме преиспитување и да се создаде можност Советот да бара поинаков тип на отчетност од градоначалниците ако тие не постапуваат по заклучоците на Советите. Но тоа е долгорочна мерка, а не интервентна како што сега ни е потребна. Освен ова, сакам да предупредам на уште нешто: градоначалникот Богдановиќ со одлука на Советот беше задолжен и да распише јавен конкурс за план за локацијата „Треска“. Тоа не е сторено. Се плашам дека можеби ќе ни се случи мегаломански проект и за таа локација и дека пак ќе се изигра одлуката на Советот.

Како, според Вас, треба да се реши овој проблем со ДУП-от кај ГТЦ? Каде е излезот?

-Јас посакувам целата постапка да се врати на ниво на план кој ќе оди на конкурс. И тоа повеќе меѓународен конкурс отколку само домашен не поради тоа што се сомневам во квалитетот на решенијата на домашните архитекти туку за да може да се видат размислувањата и на една поширока група на експерти. А и Градот Скопје да си ја продолжи традицијата на меѓународни конкурси за решавање на најважните локации во градот и да ја чуе перспективата за решавање на просторот од страна на експерти кои не се одовде.

Претходна вестПроменливо облачно, температура до 14 степени
Следна вестСрбија почна со производство на руската вакцина „Спутник В“