Србија почна со производство на руската вакцина „Спутник В“

На институтот „Торлак“ во Белград, Србија почна производство на руската вакцината „Спутник V“ против корона вирус.

Рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ) на својата веб-страница објави дека заедно со овој институт го почнал производство на руската вакцина во Србија.

-Србија стана првата земја во јужна Европа што ја произведува Спутник V. Производството на вакцината во Србија ги задоволува највисоките стандарди во производството на вакцини, се наведува на веб-страницата на РДИФ.

Вакцината, додаваат тие, подоцна може да почне да се извезува во другите земји во регионот. Инаку, вакцинацијата против корона вирусот со руската вакцина во Србија почна на 6 јануари 2021 година.

-До денес, Спутник V е регистриран во 60 земји во светот со вкупно население од три милијарди луѓе. Eфикасноста на Спутник В е 91,6 проценти како што беше потврдено од податоците објавени во Лансет, едно од најстарите и најценети медицински списанија во светот, објави Фондот.

Во меѓувреме, шефот на руската служба за здравствен надзор Ала Самојлова изјави дека не регистрирале ниту еден случај на тромбоза по вакцинацијата со руската вакцина.

-Повеќефазното прочистување на вакцината „Спутник V“ со употреба на високотехнолошка хроматографија и микрофилтрација ја исклучува можноста во вакцината да успее да влезе голема количина на преостаната ДНК, што е фактор на ризик за развој на тромбоза, објасни Самојлова.

Претходна вестЈана Белчева: ДУП-от кај ГТЦ да се врати на ниво на план кој ќе оди на меѓународен конкурс
Следна вестОд 1 мај сојузничките сили се повлекуваат од Авганистан, се враќа и 22-члениот македонски контингент