Какви таленти најчесто влегуваат во кабинетите на Пендаровски и Ковачевски?

Надеж за подобра иднина на секое општество му даваат талентираните луѓе. Тие влечат напред, тие створаат вредности со кои една држава расте и се развива. Поради тоа секоја организирана држава се труди да ги открие и потоа стимулира во развојот своите талентирани лица. Дали Македонија го прави тоа?

Ако се погледне постапката на претседателот Стево Пендаровски кој деновиве го прими во својот кабинет Македон Димитриевски, натпросечен ученик во второ одделение, ќе се заклучи дека и Македонија мисли на своите талентирани деца.

Ако пак се прочита и што вели Пендаровски за талентираните и општеството – уште посигурни ќе сме дека Македонија мисли најмногу токму на талентираните. Впрочем еве што претседателот рече:

-Овие ученици се од посебен интерес за нашето општество и заслужуваат максимална посветеност од страна на државата. Надарените и талентирани ученици имаат комплексни образовни потреби, што претставува посебен предизвик за образовниот систем и ја наметнува потребата од индивидуализирани програми адаптирани на надарените ученици, додаде претседателот Пендаровски.

Арно ама, се наметнуваат едно-две прашања: Какви таленти најчесто имаат можност да влезат во кабинетите на Пендаровски, премиерот Ковачевски, кај министрите…? Кои таленти добиваат пристап до државните фондови и друга помош за да си ги доразвијат дарбите?

Партиските таленти што талент имаат? Надареноста за наука или надареноста за послушништво и упикување се цени повеќе во државните кабинети?

Прашањата се лесни, одговорот може да го дадат дури и скапо тренираните магариња. Ама никој не бара одговор, затоа Македонија и ги губи вистинските таленти.

Претходна вестАрхиепископот Стефан и патријархот Порфириј утре на заедничка литургија, ќе се слушне ли најавата за автокефалност на МПЦ-ОА?
Следна вестСеминар за владини функционери – што е штедење?