Семинар за владини функционери – што е штедење?

Во кризните времиња штедењето е еден од подобрите начини да се ублажат последиците од непредвидливата економска иднина. Тогаш е посебно важно парите, а посебно оние од државниот буџет кои се заеднички на сите граѓани, да се трошат само за она најнеопходно и само за она што ќе донесе брз позитивен ефект. Прават ли така македонските власти?

Често сме сведоци на непотребни трошења, на набавки на канцелариски мебел, на службени автомобили, репрезентации, службени патувања, пијалоци, ручеци… Сега, повторно сме во голема криза и штедењето е уште попотребно. На тоа веќе предупредуваат и најповиканите. Гувернерката на Народна банка Анита Бежоска преку „Слободна Европа“ им порача на властите дека треба да се внимава како се трошат јавните пари.

-Властите мора да бидат фокусирани на трошоци кои што директно влијаат врз животниот стандард на граѓаните, и кои го помагаат. Но, од друга страна треба да се фокусирани и на трошоци кои што значат подобрување на фундаментите на економијата, потенцира таа.

Ова е само едно од низа експертски предупредувања кои укажуваат дека штедењето и рационалното трошење на властите мора да им стане постојана, а не повремена обврска. Владата деновиве соопшти дека со претстојниот ребаланс на Буџетот ќе се заштедат околу 100 милиони евра.

-Ќе има дополнително кратење на 100 милиони евра непродуктивни трошоци, кои што не мора да се направат оваа година, дополнително на она што беше направено со кратењето од 8 проценти на тековните расходи минатата година и со дополнителните мерки кои што се направија во првите 100 дена од Владата за ограничување на трошоците, изјави неодамна премиерот Димитар Ковачевски.

Значи, простор за штедење имало. Но, се видоа ли сите непотребни трошоци што требаше да се видат? И натаму треба да се испитуваат сите буџетски ставки, да се преиспитуваат сите трошења, сите службени патувања, сите државни набавки, сите репрезентации… 

Може ли власта да биде ревносна во намалување на растрошноста? Баш за време на тврдењето дека може, еве излегуваат во медиумите сознанија дека Вработени во  службата за општи и заеднички работи при Владата, како новинари, на државен трошок престојувале во Софија три дена од 24 до 26 јануари.

Се чини, треба да се организира посебен семинар за владеачките финкционери со работна тема: Што е штедење?

Многумина мислат дека штедење е само ако не брцаат во својот џеб, а за државниот…

 

Претходна вестКакви таленти најчесто влегуваат во кабинетите на Пендаровски и Ковачевски?
Следна вестКовачевски на аудиенција кај папата Франциско, поздравена иницијатива за конкордат меѓу Македонија и Ватикан