СПЦ го заврши Соборот, во соопштението не се спомнува предлог за автокефалност на МПЦ-ОА

Без спомнување на предлог Македонска православна црква – Охридска архиепископија да добие автокефален статус заврши Соборот на Српската православна црква што се одржуваше во Белград. Во официјалното соопштение од Соборот постои само една реченица каде што се споменува МПЦ-ОА гласи:

-Следниот благодатен и благословен настан на Соборот беше заедничкото сосолужување на соборната света литургија во храмот на свети Сава на Врачар по воспоставувањето на евхаристичкото општење и канонското единство помеѓу Српската православна црква и Македонската православна црква, како таа се нарекуваше по прекинот на општењето од 1967 година. Литургијата ја служеше патријархот српски г. Порфириј во сослужение на архиепископот охридски и македонски г. Стефан заедно со голем број архиереи, свештеници и ѓакони, пишува во информација.

Утврдување на предлог за давање на автокефалност на МПЦ-ОА се очекуваше од причина што Соборот претставува највисоко тело на СПЦ. Македонскиот владика Тимотеј неодамна најави дека од страна на СПЦ таквиот предлог ќе биде доставен до Вселенската патријаршија до крајот на месецов.

Делегација на СПЦ предводена од патријархот Порфириј денеска треба да пристигне во Скопје, а утре тој заедно со архиепископот Стефан треба да сослужува на заедничка литургија во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“. Сепак, останува можност тој да го соопшти предлогот за автокефалност или да биде овластен од Соборот тоа да го стори во идниот период.

Претходна вестГолемо дело – голем споменик на Св. Кирил и Методиј дури и на 12.000 километри од Македонија
Следна вестВо изминативе три дена 151 случај на Ковид-19, нема починати