Дали на денешната заедничка литургија ќе се објави предлог за автокефалноста на МПЦ-ОА?

Архиепископот Стефан и патријархот Порфириј, денеска ќе одржат нова заедничка литургија во Соборниот храм, по повод 24 Мај – денот на сесловенските просветлители Кирил и Методиј.

-На 24 мај, со почеток од 9 часот, во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, Неговата светост српскиот патријарх г. г. Порфириј и Неговото блаженство архиепископ охридски и македонски г. г. Стефан, заедно со архијереи од двете сестрински Цркви, ќе служат Божествена литургија. Го повикуваме верниот народ на Македонската православна црква – Охридска архиепископија да земе молитвено учество, се наведува во вчерашното соопштение на МПЦ-ОА.

Поглаварот на Српската православна црква вчера во попладневните часови пристигна во Скопје. Во делегацијата на СПЦ се и Митрополитот црногорски и приморски Јоаникије, Епископот сремски Василиј, Епископот бачки Иринеј, зворничко-тузланскиот Фотие и крушевачкиот Давид.  Делегацијата на СПЦ беше пречекана од Архиепископот г.г. Стефан и Митрополитот Тимотеј.

До заедничката литургија доаѓа откако во четврток највисоките достоинственици на двете цркви одржаа „Литургија на помирување“ во Соборниот храм „Свети Сава“ во Белград со што се воспостави канонско единство по спорот кој траеше 55 години. Јавноста во Македонија сега очекува српскиот патријарх во Скопје да објави дека СПЦ се согласува МПЦ-ОА да стане автокефална црква и таков предлог да биде упатен до Вселенската патријаршија. Македонскиот владика Тимотеј неодамна најави дека таквиот предлог се очекува да биде испратен до крајот на месецов. Претходно, на 9 мај Вселенската патријаршија во канонско единство ја прими МПЦ под името Охридска архиепископија и ја упати да ги реши „управните прашања“ со СПЦ.

Инаку, вчера без спомнување на предлог Македонска православна црква – Охридска архиепископија да добие автокефален статус заврши Соборот на Српската православна црква што се одржуваше во Белград. Во официјалното соопштение од Соборот постои само една реченица каде што се споменува МПЦ-ОА гласи:

-Следниот благодатен и благословен настан на Соборот беше заедничкото сосолужување на соборната света литургија во храмот на свети Сава на Врачар по воспоставувањето на евхаристичкото општење и канонското единство помеѓу Српската православна црква и Македонската православна црква, како таа се нарекуваше по прекинот на општењето од 1967 година. Литургијата ја служеше патријархот српски г. Порфириј во сослужение на архиепископот охридски и македонски г. Стефан заедно со голем број архиереи, свештеници и ѓакони, пишува во информација.

Претходна вестСветите Кирил и Методиј старомакедонскиот словенски јазик го направија првиот книжевен јазик на сите Словени
Следна вестПрв случај на мајмунски сипаници во Словенија кај пациент дојден од Канарските острови