Г.г. Стефан: Се радуваат и нашите предци кои сонуваа да ја видат обновена и автокефална Охридската архиепископија

Овој историски период е празник за сите христијани во Македонија, кои сонуваат да ја видат обновена и автокефална Охридска Архиепископија. Од небесната црква нашите предци сега ја гледаат нашата радост. Верувам дека се среќни и архиепископот Доситеј и патријархот Герман, и сите кои сакаа да ја видат обновена Охридската архиепископија, порача денеска Поглаварот на МПЦ-ОА архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан во Соборниот храм „Свети Климент Охриски“ во Скопје. Тој зборуваше по заедничката литургија со српскиот патријарх Порфириј кој објави дека СПЦ ја прифаќа и одобрува автокефалноста на МПЦ-ОА. Г.г. Стефан се заблагодари на членовите на светиот архиерејски собор и на членовите на СПЦ од име на верниот македонски народ и од име на МПЦ-ОА.

-Еве нам и денес ни се нуди чиста и непорочна заедница која со ништо не може да и се одземе. Како да го разбереме ова денешно собрание ако не со настаните во Воскресението каде во совршена заедница ни се нуди целиот и сам Христос, да се допреме до него и никогаш да не посакаме повторно да се одалечиме. Или, да се посомневаме колку е добар и совршен, рече архиепископот г.г. Стефан.

Тој потсети дека на желбите и барањата на МПЦ-ОА им пристапил светиот Вселенски патријарх.

-Тој не спушти во водата бидејќи 55 години седевме чекајќи во тремот. Потоа ни пристапи и друг човек, нашиот собрат. И нашата 80-годишна заложба за самостојна црква никогаш немала за цел да не одвои од Христа туку и ние како други православни народи да можеме слободно да ја извршуваме мисијата насекаде во светот. Кога љубовта се споделува таа се умножува. Ние православните, споделуваме дека Црквата е соборна, дека секогаш обединува, како единствено тело. Нејзина цел е да го обедини човекот, потенцира македонскиот архиепископ.

Тој, на крајот, рече дека нашето благодарствено писмо и нашата молба за сослужение е прифатена и на роденденот на Црквата, на Педесетница, достоинствениците на македонската црква ќе сослужуваат во храмот на Вселенската Патријаршија во Фанар.

 

Претходна вестПатријарх Порфириј: Ја благословуваме, одобруваме и прифаќаме автокефалноста на МПЦ-ОА
Следна вестПендаровски: Одлуката на СПЦ ќе придонесе за исправање на историските неправди