Патријарх Порфириј: Ја благословуваме, одобруваме и прифаќаме автокефалноста на МПЦ-ОА

Историски чин се случи денеска во Соборниот храм „Свето Климент Охридски“ во Скопје откако српскиот патријарх Порфириј даде предлог Македонската православна црква да стане автокефална и да биде примена во редот на признати Православни цркви. На денешната заедничка лутургија со архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан по повод 24 мај српскиот патријарх рече дека се исполнети сите услови МПЦ да биде предложена за автокефална црква.

-Ви носам уште една радосна вест. Соборот на СПЦ едногласно и еднодушно излезе во пресрет на молба на МПЦ-ОА и Собор на СПЦ го благолсовува, одобрува, прифаќа и признава автокефалност на МПЦ-ОА. Браќо и сестри , во исто време Светиот Сабор истовремено донесе одлука да стави на должност на српскиот патријарх да со архиепископот Стефан да разработи сите организационо-технички детали и ќе следи свечено прогласување на официјалниот акт. Потоа ќе бидат известени сите Православни цркви и ќе бидат повикани да го признаат автокефалниот статус на МПЦ-ОА. Ние сме сигурни дека сите Православни цркви со радост ќе ја дочекаат веста, рече српскиот патријарх Порфириј.

На заедничката литургија учествуваа великодостоинствениците на двете Цркви. Од српската страна беа митрополитот црногорски и приморски Јоаникије, епископот сремски Василиј, епископот бачки Иринеј, зворничко-тузланскиот Фотије и крушевачкиот Давид. Од македонските владици учествуваа Дебарско-кичевскиот владика Тимотеј, Преспанско-пелагониски Петар, Повардарски Агатангел. Кумановско-осоговски Јосиф, епископот брегалнички Иларион и други.

На оваа посета на поглаварот на СПЦ Порфириј и претходеше заедничката архијерејска литургија на помирување што се одржа на 19-ти месецов во Соборниот храм „Свети Сава“ во Белград, а со која чиноначалствуваа патријархот Порфириј и архиепископот Охридски и Македонски г.г.Стефан. Со литургијата беше потврдено надминувањето на 55-годишниот раскол меѓу СПЦ и МПЦ-ОА и возобновувањето на канонското и евхаристиското општење.

Денешната заедничка литургија следи откако вчера во Белград заврши Соборот на Српската православна црква, кој на 16 мај го потврди статусот на најширока можна автономија за МПЦ-ОА, односно целосна внатрешна независност, доделен во 1959 година.

Претходна вестНеовластено тргувал со отпад, добил кривична пријава
Следна вестГ.г. Стефан: Се радуваат и нашите предци кои сонуваа да ја видат обновена и автокефална Охридската архиепископија