Ковачевски на аудиенција кај папата Франциско, поздравена иницијатива за конкордат меѓу Македонија и Ватикан

Пораки за надеж и желба за просперитет и продлабочување на соработката меѓу Македонија и Ватикан биле споделени на денешната средба на македонскиот премиер Димитар Ковачевски со поглаварот на Католичката црква папата Франциско. Ковачевски ја предводи македонската делегација во Рим на одбележувањето на 24 мај – Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј. Македонскиот премиер во Ватикан имаше прво тет-а-тет средба, а потоа и аудиенција кај папата Франциско

На средбата било истакнато дека Северна Македонија и Ватикан од воспоставувањето дипломатски односи од пред 28 години, со посветеност и меѓусебно почитување градат пријателство базирано на заеднички историски, културни и верски традиции и значајни ликови како Светите браќа Кирил и Методиј и Света Мајка Тереза.

-На средбата беа споделени пораки за надеж и желба за просперитет во постпандемискиот период, но и во време на справување со најголемата криза досега, истакнувајќи дека плодната соработка со Ватикан ќе се продлабочи, бидејќи ги делиме истите вредности на меѓусебно разбирање, поддршка за најранливите, еднаквост, толеранција и човечко достоинство, се вели во соопштението на Владата.

Македонскиот премиер му подари на папата рачно изработен фрагмент со калиграфско пишување на рачна изработена хартија од пофалното слово на Свети Климент Охридски, бројаница со охридски бисер и филигран, како и винил плоча од македонскиот виртуоз Влатко Стефановски

На средбата со државниот секретар на Светата Столица Пјетро Паролин и со секретарот за односи со државите Пол Ричард Галагер беше истакнато дека дипломатските односи меѓу Северна Македонија и Ватикан бележат континуиран развој со високо ниво на меѓусебна доверба, разбирање и пријателство.

-На средбата стана збор и за подготовките на двете страни за потпишување на договор, односно конкордат меѓу Северна Македонија и Светата Столица за регулирање на статусот на Католичката црква во нашата земја со што ќе се отворат нови потенцијали за соработка во повеќе области од взаемен интерес, се наведува во соопштението.

Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, чествувањето во текот на денот продолжи со полагање венец на спомен-плочата на македонски јазик во папската базилика Санта Марија Маџоре. Програмата по повод чествувањето на Светите браќа Кирил Методиј попладнето продолжува со концерт на светски познатиот тенор Благој Нацоски.

Претходна вестСеминар за владини функционери – што е штедење?
Следна вестВладина СОЗР: Дезинформација е дека нашите шест вработени биле прикажани како новинари