И Киев и Москва беа цел на непријателски беспилотни летала завчера, кои беа пресретнати од противвоздушна одбрана. Ова го соопштија одделно украинската и руската страна, наведувајќи дека нема жртви, а пренесува „Франс прес“.
– Обидот на режимот во Киев да изврши терористички напад со беспилотно летало врз објекти на територијата на Руската Федерација е спречен, се вели во соопштението на руското Министерство за одбрана. Дронот е уништен со помош на противвоздушна одбрана над Московскиот регион, пренесува „Бета“.
Спасувачите ја продолжуваат акцијата за спасување на работниците
Киев втора ноќ по ред беше цел на повеќе дронови од типот „Шахед“, лансирани од руската армија. Според украинскиот Генералштаб, уништени се 15 од вкупно 20 непријателски беспилотни летала.
Украинската армија вчера објави и дека ги потиснала руските сили „на три до осум километри“ во близина на левиот брег на реките Днепар. Доколку се потврди, тоа ќе биде најголем напредок од страна на украинската војска во последните неколку месеци.
– Руските сили продолжуваат со нападите во правец на Авдеевка и Маринка, а вооружените сили на Украина одбиле најголем број напади, соопшти украинскиот Генералштаб.
Украинските сили ги одбиле и руските напади во правец на Купјанск, Бахмут и Шахтјорск, пренесува „Интерфакс Украина“. Се вели дека украинската армија продолжува со офанзивните операции јужно од Бахмут.