„Класиката е блескаво освежена“, „Тајмс“ со оценка од 5 ѕвезди за новиот албум на Симон Трпчевски

Еден од најугледните светски медиуми, британскиот „Тајмс“, го оцени со највисока оцена од 5 ѕвездички и напиша блескава критика за двојниот албум на кој македонскиот планетарно познат пијанист Симон Трпчески е повторно обединет со романскиот диригент Кристијан Мачелару и Симфонискиот оркестар од Келн, Германија, во изведбата на двата концерта за пијано и оркестар од Јоханес Брамс. За албумот што деновиве го објави престижната британска куќа „Лин Рекордс“ , критичарот Џеф Браун со воодушевување пишува дека со него „класиката е блескаво освежена“ и нагласува дека „Симон Трпчески може најпоетично да ги гали клавишите“:

– Извонредната двојка се враќа! И тоа не се (композиторот и тенорот, наша заб.) Бритн и Пирс, ниту (комичното дуо, наша заб.) Морекамбе и Вајс. Не, тоа се македонскиот пијанист Симон Трпчески и романскиот диригент Кристијан Мачелару, кои претходниот пат нè воодушевија со двата концерта за пијано на Шостакович, а сега го прават истото со двата на Брамс. Секое од делата е репертоарски колос, иако со овие музичари и најзаморените слушатели мора да излезат не само освежени, туку и возбудени.

Нивниот успех се должи особено на две поврзани состојки. Една од нив е леснотијата на дуото во меѓусебната музичка придружба, од суштинско значење кога односот пијано-оркестар во овие дела е толку разновиден. Нивната сплотеност, исто така, има полза и од извонредно живописно и будно музицирање на WDR Симфонискиот оркестар од Келн. Втората, не толку тајна состојка, е вроденото разбирање на фразирањето и ритамот на централноевропската народна музика од страна на пијанистот и диригентот. Германецот Брамс го сакал унгарскиот ритам, но доминантното отскокнување на Трпчески и Мачелару се шири низ целите концерти, а не само низ нивните танцувачки финалиња.

И Трпчески најпоетично може да ги погали клавишите. Подоцнежниот, посончев концерт во Бе-дур му дава повеќе шанси отколку неговиот величествен и турбулентен претходник во Д-мол. Исто така, во вториот концерт, Мачелару и оркестарот навистина ги достигнаа височините, без разлика дали наголемо забрзуваат или нè маѓепсуваат со соло-делниците на хорна и виолончело, сите клучни делови од извонредно широката таписерија на музиката. Ова е вид на издание каде што победуваат сите: музичарите, слушателите и самиот Брамс, гласи критиката на Џеф Браун.

Претходна вестДвајца тетовци не застанале на наредба од полицијата, еден од полицајците морал да пука предупредувачки
Следна вестПоплаките за лошите студентски домови, храната, партизацијата… се слушаа и на денешниот Меѓународен ден на студентите