По повод Меѓународниот ден на жената, издавачката куќа „Сакам Книги“ организира отворен книжевен настан посветен на женските ликови од литературата и жените кои стојат зад создавањето на книгите.
Настанот ќе се одржи на 7 март, со почеток во 12 часот, на платото пред книжарницата „Сакам Книги“ во Лептокарија.
Под мотото „Секоја жена има своја приказна“, разговорот ќе се фокусира на книжевните хероини кои оставиле силен впечаток кај читателите, како и на авторките, уредничките и преведувачките кои ги создаваат и пренесуваат овие светови до публиката.
Дискусијата ќе ја води Александра Тодоровиќ, заедно со авторката Ксенија Николова. Настанот е замислен како интерактивна средба, во која посетителите ќе имаат можност да се вклучат во разговорот и да ги споделат книгите и ликовите што најмногу ги инспирирале.
Организаторите најавуваат пријатна книжевна дружба со отворен дијалог и размена на читателски искуства, посветена на славењето на женскиот глас во литературата.
За време на настанот, посетителите ќе можат да купат книги со специјален попуст, кој ќе важи само во текот на книжевната средба.





