Дванаесет млади поети на возраст од 16 до 30 години ќе настапат на „Отскочна даска #5“, настан што се организира како вовед во шестото издание на Скопскиот поетски фестивал. На конкурсот пристигнале вкупно 27 пријави, а изборот на учесниците го направило интерното жири на фестивалот.
Организаторите истакнуваат дека се задоволни од интересот и од квалитетот на пристигнатите песни, како и од талентот што го покажале младите автори.
Меѓу избраните поети, по азбучен ред, се: Марија Алексовска, Вероника Димоска, Христијан Илиевски, Мартин Миљев, Васја Мицковски, Милена Неделковска, Деспина Сиљаноска, Елена Соколоска, Бојана Спасовска, Кире Џотов, Ива Шајноска и Ели Шапкарова.
Настанот ќе се одржи на 3 април. Поетите што ќе настапат ќе имаат можност сами да го изберат најдобриот меѓу нив, кој ќе добие шанса да чита и на официјалното отворање на фестивалот на 7 мај, заедно со учесниците во главната програма.
Како дел од програмата, за избраните автори ќе биде организирана и работилница за уредување на нивните песни. Творбите ќе бидат објавени во специјално издание што ќе ги обедини песните на овогодишните учесници, како и на авторите од претходните изданија на „Отскочна даска“.
Од фестивалот упатија благодарност до сите што испратиле свои песни на конкурсот и ги охрабрија младите поети да продолжат да создаваат и да ја следат програмата на фестивалот.
Шестото издание на Скопскиот поетски фестивал ќе се одржи од 7 до 9 мај, со поддршка од Министерството за култура и туризам.




