Копродукцискиот производ меѓу Македонија и Косово, „Во потрага по Венера“, деби – филмот на косовската режисерка Норика Сефа, конкурира за главната награда Златен тигар на јубилејното 50. издание на филмскиот фестивал во Ротердам.Продуцент е „Сиркл филм“ на Бесник Крапи, а Игор Поповски, продуцент од Македонија, го дизајнира звукот.
Фестивалот кој важи за најголем за независен филм во светот, ќе се одржи следната година во два дела, онлајн од 1-7 февруари, и в кино 2-6 јуни. Во конкуренција за наградата Златен тигар се 16 филмови, дебија или втори дела на авторите, а главната награда е 40.000 евра. Има и две специјални награди на жирито од по 10.000 евра.
Инаку, филмот на Сефа, која живее и работи во Прага, е за созревањето на тинејџерка во село во Косово и нејзината еманципација во строгата патријархална средина.