Ние покажавме дека е можно да се има добар резултат, да се работи напорно за подобро утре. Дека е можно да има поголеми плати, пензии, повеќе пари кај граѓаните, дека е можно да има слобода и демократија, да има слобода на говор, дека е можно да живееме во земја која има сигурна, извесна и подобра, европска иднина – рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на денешната промоција на новата „Програма за европска иднина“ и кандидатите за пратеници на СДСМ и Коалицијата за европска иднина.
-Не само што е можно да се оствари ветување за просечна плата од 500 евра туку и да се надмине. 650 евра просечна плата е денешната реалност. За само кратки 6 години од 150 евра минимална плата, стигнавме до речиси 370 евра минимална плата. Вложивме 100 милиони евра со кои поддржавме 919 компании. Со оваа поддршка компаниите реализираа 500 милиони евра инвестиции. Со антикризните мерки ја оддржавме ликвидноста на компаниите, ги задржавме работните места, го заштитивме стандардот на граѓаните. Вкупно 2,6 милијарди евра преку антикризните пакети се вратија назад кај граѓаните и стопанството, истакна Ковачевски
Тој потенцира дека економската програма на СДСМ предвидува повеќе за сите – подобар живот за сите, доближување на животниот стандард до европскиот и сето тоа преку издржани и конкретни мерки.
-Проектираме просечна стапка на раст на економијата од 5,1 отсто во наредните четири години и ќе го оствариме тоа. Во наредните четири години просечната плата ќе достигне рекордни 1.100 евра, а минималната плата ќе изнесува 600 евра, а дополнително, со влезот во ЕУ просечната плата ќе изнесува 1.300 евра, а минималната плата 800 евра. Гарантираме дека во 2028 година минималната пензија ќе биде 20.000 денари, а просечната пензија 30.000 денари. Дополнително, предвидуваме новогодишна поддршка од 6.000 денари за секој пензионер, рече Ковачевски.
Лидерот на СДСМ додаде дека европскиот пат носи и подобар животен стандард за граѓаните, повеќе и подобра работа за компаниите и дополнителни фондови за развој на нашата економија.
– На овие избори ќе победи идејата за подобра, европска иднина. На овие избори Коалицијата за европска иднина ќе ја добие довербата на граѓаните да ја формира новата проевропска влада на Македонија – рече тој.