Според информациите на Амбасадата на Македонија во Тел Авив, како и според јавувањата на СОС телефонот во Министерството за надворешни работи во Скопје, во Израел и на Западниот Брег постојано се зголемува бројот на наши државјани кои се пријавуваат дека се затечени во и околу загрозените подрачја. Со сите пријавени наши државјани се одржува постојан контакт од страна на Амбасадата, при што се преземаат подготвителни мерки за евентуална асистенција за нивната безбедна евакуација.
Покрај активностите на Амбасадата во Израел, утрово е испратена итна инструкција до дипломатско-конзуларната мрежа на Република Македонија во околните земји, за нивна посебна подготовка за евентуални активности и нивна 24 часовна достапност како за централата во Скопје, така и за евентуалната комуникација со граѓаните. Дипломатската мрежа е во контакт и со колегите од дипломатските претставништва на пријателските земји, кои исто така се во подготовка за организирана асистенција на затекнатите граѓани во и околу загрозените подрачја.
Уште еднаш ги повикуваме нашите граѓани кои во моментов се наоѓаат во Израел да ги почитуваат упатствата на безбедносните власти на Израел, како и да се пријават во амбасадата во Тел Авив или на дежурните телефони во централата во Скопје, порачуваат од МНР.
Подетални информации околу актуелните состојби можат да се најдат на следната веб страница: https://www.oref.org.il/12481-en/Pakar.aspx
За повеќе информации, на располагање се СОС дежурниот телефон на Министерството за надворешни работи 075/ 273- 732, како и дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив +972-54-926-7378


