Меѓународен симпозиум за византиски и средновековни студии „Денови на Јустинијан I“

Во Музејот на македонската борба денска свечено ќе биде отворен 11-от Меѓународен симпозиум за византиски и средновековни студии „Денови на Јустинијан И“, во организација на Институтот за национална историја – Универзитет Св. Кирил и Методиј и Универзитетот во Болоња, во партнерство со Богословскиот факултет „Св. Климент Охридски“.

На свеченото отворање обраќања ќе имаат проф. д-р Митко Б. Панов, претседател на меѓународниот организациски и научен комитет, кој воедно ќе го промовира Зборникот на трудови од 10-тите „Денови на Јустинијан И”, проф. д-р Џузепе Маино, ко-организатор и член на организацискиот одбор, проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски, ко-организатор и член на организацискиот одбор,  Акад. Љупчо Коцарев, претседател на Македонската академија на науките и уметностите, Неговото Блаженство г.г. Стефан, Архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прва и Андреа Силвестри, амбасадор на Република Италија во Скопје.

Меѓународниот научен симпозиум „Денови на Јустиниан I” претставува годишен научен форум за презентација на најновите истражувања за различни аспекти на византолошките и средновековните студии, што го вклучува третманот и интерпретацијата на културното, историското и духовното наследство во современа Европа. Симпозиумот е посветен на императорот Јустинијан I и има за цел да опфати широк спектар на истражувачки прашања во функција на реконструирање на културното и историското наследство, како интегративна компонента на различностите и заедништвото на обединета Европа.

Симпозимот ќе се реализира со комбинирано физичко и онлајн учество. На осумте сесии кои ќе се реализираат во текот на двата работни дена во Музејот на македонската борба и во Македонската академија на науките и уметностите, свои реферати ќе имаат 45 еминентни проофесори и истражувачи од 17 земји – Македонија, Италија, Велика Британија, Русија, Шпанија, Полска, Словачка, Германија, Романија, Турција, Унгарија, Србија, Грција, Хрватска, Финска, Швајцарија, Кипар.

На почетокот од работниот дел, пленарното предавање ќе има еден од најдобрите познавачи на животот и делото на Јустинијан И, проф. Питер Сарис од Универзитетот во Кембриџ.

– Сеопфатниот тематско-содржински концепт на рефератите, потврдува дека симпозиумот „Денови на Јустинијан I”, прераснува во еден од најпрестижните научни собири од ваков вид во регионот и пошироко. Со тоа „Деновите на Јустинијан I”, ја постигнуваат клучната цел за промоција на културното и историското наследство на земјава, со што Јустинијан I станува културен и историски бренд кој ги обединува земјите и нациите кои го споделуваат византиското наследство, како и научниците од Европа и ширум светот, наведуваат организаторите на симпозиумот.

Претходна вестВладика Петар: Вселенската патријаршија бара „ерга омнес“ име за МПЦ-ОА
Следна вестУченичка во скопска Кисела Вода, покрај книгите во ранецот носела марихуана