Темен режим Режим на светлина

Мицкоски: Неделков си знае зошто и како станал коалиционен партнер на власта

Претседателот на СОНК Јаким Неделков станал коалиционен партнер на власта, оцени денеска лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Тој денеска престојуваше во Штип каде одговори на новинарски прашања врзани за прекинот на штрајкот во основните и во средните училишта.

-Најпрвин велеа пионот Јаким Неделков на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ, па откако гледам дека Јаким Неделков сега стана нивен добар коалиционен партнер, он си знае зошто и како, се завртеа спротивно на интересите на наставниците. Па, почнаа и нив да ги навредуваат и да велат, ете тие биле тие кои што сакале да предизвикаат криза, да имало избори, да ВМРО-ДПМНЕ дошло на власт и т.н., рече Мицкоски запрашан за коментар на обвинувањата на СДСМ дека стои зад професорите кои се за продолжување на штрајкот во училиштата.

Тој додаде дека ако од едната страна е корумпирана и криминална Влада, а од другата страна се наставниците и професорите тогашнеговиот избор и изборот на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде интересот на наставниците и професорите, бидејќи „тоа се луѓето кои што треба да создадат генерации млади луѓе коишто утре задутре треба да ја градат Македонија”, рече Мицкоски.

-Јас не знам зошто Владата е толку исплашена дека овој пркос, оваа желба за повеќе правда и достоинствен живот, мислат дека е од некаде политички мотивиран. И навистина, глупаво делуваат оние изјави од страна на владата и Ковачевски дека сето ова било организирано од ВМРО-ДПМНЕ за да падне владата. Па, еве и да падне владата, ако таа влада е доволно јака на избори ќе победи. Суштината е поинаква, суштината е што тие се плашат од дебакл и од жесток пораз на тие избори и затоа грчевито се борат за своите фотелји и привилегии на грбот на овој напатен и сиромашен народ, истакна Мицкоски.

По новинарско прашање околу средбата со премиерот Димитар Ковачевски, Мицкоски истакна дека жали што во СДСМ и Владата нема државотворен капацитет.

-Жалам што постапуваат вака неодоговорно во моменти кога на народот му е потребно обединување. Она што го гледаме и од Ковачевски, но и од останатите во Владата е се само не она што му е потребно на народот. Очекував малку повеќе аналитичност, и очекував да се охрабри Ковачевски да излезе пред медиумите. Ако веќе одлучил да ја одбие подадената рака од мене, од ВМРО-ДПМНЕ, тоа да го направи на отворена сцена а не да се крие позади Фејсбук статуси или да испраќа непознати ликови тоа да го прават, рече Мицкоски.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

Oтфрлено е барањето на Груевски за вонредно преиспитување на пресудата за „Шамари во Центар”

Следна објава

Неделков: Имавме законска обрска да го ставиме штрајкот во мирување, преговорите продолжуваат