Националното единство е нужност, повика денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Кристијан Мицкоски. Тој истакна дека информациите со кои што располага укажуваат на тоа дека во игра е многу повеќе од само промена на македонскиот Устав, а со цел вклучување на бугарското малцинство во Македонија во тој Устав.
– Во таква една ситуација сметам дека е политички зрело и државнички кога веќе на тоа не се осудува првиот човек на владата, јас да сум тој кој што ќе повика на национално единство. Ковачевски со тоа што одбива можност за национално единство за прашањето со Бугарија, практично пропушта можност едногласно да ги зациментираме позициите за заштита на националните, државни идентитетски линии. Ваквиот договор за национално единство околу ова прашање не значи дека и утре, и деновите потоа нема да критикуваме за погрешните политики на оваа Влада, но тоа значи дека и македонската опозиција, и пред се ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија заедно со македонската влада ќе штитат идентитет, историја и јазик. Ваквото одбивање на подадената рака за национално единство значи само едно, дека Ковачевски наместо во коалиција со народот и на страна на државните и национални интереси, е во коалиција со Бугарија и продолжува да биде слеп послушник и застапник на политиките на заевизмот, политика која што кај нас веќе е жестоко поразена од народот. И практично тој поддржува се она што тие бараат, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при своето денешно обраќање на регионалниот отчет на градоначалниците во Битола насловен „Промени што носат иднина – 100 дена локална власт, отчет на ВМРО-ДПМНЕ“.
Мицкоски додаде дека барањата на Бугарија и она за што преговара Ковачевски е многу подлабоко отколку промена на Уставот и вметнување на бугарското малцинство во него, туку на маса е и македонскиот јазик, историја и постоење на македонскиот народ во историска и политичка смисла и контекст.




