Многу зли сили се з`гнаа да ја растурат и разнебитат Македонија

За познатиот музички уметник Кокан Димушевски татковината секогаш му била инспирација за уметничко творештво, но сега е загрижен за нејзината иднина…

Кога ќе кажете Македонија, кои мисли и слики прво Ви се појавуваат?

– Мисли на дома и спокој, земја со многу сонце, но исто така и загриженост сето тоа да не исчезне како скама, меурче од сапуница, бидејки како сме тргнале за брзо ќе ја изгубиме, а таа е единствената што ја имаме.

Кои се најкрупните 2-3 грешки кои се направија во Македонија во последните 30 години?

– Премногу погрешни луѓе на погрешни места витални за државата. Не ми е јасно од каде се изнедрија толку самобендисани и неспособни, без осет за татковина и свој народ, гледајки го бескрупулозно само личниот интерес. Арамилакот стана доблест и мерка за успех, но забораваат, мислат дека вечно ќе живеат. Во вечен помен се влегува со празни џебови, но со дела сработени по кои ќе те помнат идните генерации, се друго е проклета суета.

Со што најмногу се гордеете во нашата земја?

– Многу зли сили се з,гнаа да ја растурат и разнебитат, прават се да не разделат и скараат едни со други, тука, дома, да фрлат кал на се што е индивидуализам и прогрес, да ја преправат и искриват историјата на штета на Македонија. Мрачна сила сака од Македонија да создаде територија без имотен лист, без дедовина, без историја, култура, да не остави без иднина за своите деца. Колку и да сме малку по број, како можам да не бидам горд на големиот дух, итрина и желба за самоодржување низ вековниот погром кој ни се случува? Ова е питом, чесен, мирољубив и работлив народ, дарбата од Бога е голема кон нас, токму и затоа сакаат да не нема, да не постоиме, но со тоа ја прават најголемата грешка, само ни го разгоруваат инаетот, непокорот и патриотизмот да истраеме во борбата за подобро и свое, наше утре.

Граѓаните даваат и плаќаат даноци, но дали властите доволно и даваат на државата?

– Би го преформулирал прашањето во: што властите испорачаа на народот да се чувствува достоинствено и среќно во својата држава?

Дали Вие доволно и дадовте на Македонија?

– Јас немам друга татковина освен Македонија, останав доследен на мојата љубов кон неа, тука живеам и работам, тука останаа и моите деца создавајки свое семејство, тука се и огништата и гробовите на предците, тука се моите пријатели, татковината ми е инспирација за мојата уметност и сум многу горд и непоколеблив на мојот патриотизам и љубовта кон Македонија. Тука е магијата на животот и светот, да бидеш дома на свое, со своите.

Во каква Македонија сакате да живеете?

– Модерна и слободна Македонија цврсто застаната врз својата историја, јазик и традиција, земја во која достоинствено ќе се создаваат идните генерации кои ќе бидат подобри од нас, земја во која ќе биде чест и привилегија да се живее и создава, земја во која ќе се почитува редот и законите кои ќе важат за сите подеднакво.

ВИСТИНСКИТЕ УМЕТНИЦИ СЕ БУТКААТ НА МАРГИНИТЕ, СЕ ПРАВИ ПРОСТОР ЗА НЕУКОСТА

Што Ви недостасува а, што би одзеле од државата?

– Многу работи недостасуваат а најмногу недостасува културата на однесување еден кон друг. Уметноста е заборавена и скоро забранета од пред неколку години. Имам чувство дека вистинските уметници се буткаат на маргините на општеството создавајки се поголем простор за масовна неукост и невкус бидејки со таквите полесно се владее и стануваат послушници на едно тотално безумие. Мислам дека е помината критичната точка од која нема враќање, ненормалното станува нормално и меинстрим култура и тука тешко дека ќе има поправен испит. Уметноста и уметниците едно време беа предвесници на социјал-политичко-економските идни случувања додека сега постанаа евтина и проста copy/paste мисла. Што поголем хаос создаден, толку повеќе лажни пророци ќе се појавуваат.

Претходна вестМакедонскиот кандидат за Оскар „Сестри“ во домашните кина
Следна вестЗарем да се стави чувар до секоја клупа или контејнер за да не бидат уништени?