Европската фудбалска асоцијација УЕФА го одби барањето на дел од клубовите од англиската Премиер лига за проширување на составите во Лигата на шампионите.
Според „Гардијан“, прашањето било разгледувано на состанок на надлежниот комитет во февруари, но не било ставено на дневен ред на следната седница на Извршниот комитет, кој ќе се одржи на 20 мај во Истанбул, пред финалето на Лигата на Европа.
Постојните правила за составите на екипите се воведени пред околу две децении, а неколку клубови од Премиер лигата побарале нивно проширување поради зголемениот број натпревари, поголемото оптоварување на играчите и ризикот од повреди.
Сепак, во Клупскиот комитет немало единствен став. Претставници на неколку шпански клубови, меѓу кои Атлетико Мадрид, Севилја и Реал Сосиедад, се спротивставиле на иницијативата.
Прашањето би можело повторно да биде разгледано пред сезоната 2027/28.




