На сила го однеле на нотар за да им го препише неговото скапо „Масерати“

Сакале со изнуда да му одземат скап автомобил – „Масерати“. Имено, вкупно шест лица се обвинети за кривичните дела „изнуда“, „несовесно работење“, „загрозување на сигурноста“ од страна на скопски Јавен обвинител.

Во обвинението се наведува целиот случај кој започнува откако едно женско лице кое е обвинето за помагање на 6 септември 2020 година остварила првиот телефонски контакт со оштетениот.

-Таа му се претставила како девојка на првообвинетиот и побарала од него средба и финансиска помош. Таа го намамила да се сретнат следниот ден на улицата „Качанички пат“. Кога дошол на средбата, обвинетите на повеќе локации на Качанички пат, автопатот Скопје-Тетово, патарината Глумово, но и во нотарската канцеларија на обвинетиот нотар во Тетово, со употреба на сила и сериозна закана го принудувале оштетениот да стори нешто на штета на својот имот. Имено, тие на особено насилен начин, нанесувајќи му телесни повреди, го принудувале да им го препише сопствениот автомобил „Масерати“, без притоа да му биде платено, се наведува во соопштението.

Обвинетата нотарка, како што велат од Јавното обвинителство, се товари дека очигледно несовесно постапувала во вршење на своите овластувања и должности, па поттикната од првообвинетиот ја отворила нотарската канцеларија надвор од работното време, го составила договорот за купопродажба на возилото, наведувајќи притоа повеќекратно помала и нереална цена од 2.950 евра, за да ја избегне забраната за готовинско плаќање и обврската да пријави сомнителна трансакција.

– Иако не било извршено никакво плаќање на наведената цена, во членот 3 од Договорот навела дека сумата од 2.950 евра била исплатена пред нотарот, на денот на заверка на потписите, со што овозможила незаконит преност на сопственоста над автомобилот во корист на првообвинетиот, се додава во соопштението.

Дополнително, како што велат од ОЈО, второобвинетиот во овој предмет, на 8 септември 2020 година, при обидот да биде лишен од слобода, ја загрозил сигурноста на полицискиот службеник во реонот на езерото Треска, кој постапувал по наредба. 

Претходна вестВо болниците во земјава се лекуваат 616 пациенти со ковид – во Скопје примени 33 нови
Следна вестКовид-19 во 24 часа: Седум лица починаа, од кои четворица од Скопје – 347 нови заразени