Не го дочека лекот „трикафта“: Почина Благојче Илиевски најтешко болниот од цистична фиброза

Најтешко болниот пациент од цистична фиброза во Македонија Благојче Илиевски почина пред да ја дочека набавката на лекот „трикафта“ околу што повеќепати протестираа болните од оваа болест. Потврда за смртта на Благојче, кој беше еден од осуммина најтешко болни во земјава, дојде и од Здружението за цистична фиброза.

Во својата последна изјава Благојче рече дека состојбата секојдневно му се влошува и дека се надева дека ќе го добие лекот.

-Јас верувам дека сум во онаа група од осум пациенти кои сме во најтешка здравствена состојба и дека први би го добиле, но образложението дека процедурата ќе биде подолга додека се случи набавката, некако нè обесхрабри. Од последниот пат кога разговаравме, а тоа беше кон крајот не ноември, јас уште еднаш бев хоспитализиран. Повторно 12 дена на Клиниката за пулмологија, го чистат белодробието до секретот, но верувајте состојбата не ми се подобрува, и сега ме слушате како едвај дишам, како не можам да искашлам. Ми останува навистина само да се надевам дека ќе дочекам да почнам терапија со „Трикафта“, се вели во последната изјава на Илиевски.

Тој беше болен од цистична фиброза десетина години при што речиси постојано беше на кислородна поддршка, а на секои два месеци мораше да оди со брза помош од Битола до Скопје.

Ова Здружение и минатата сабота одржа протест пред Владата за што поитна и поголема набавка на лекот „трикафта“ бидејќи состојбата со заболените секојдневно се влошува. До протестот дојде откако болните од цистична фиброза беа разочарани од изјавата на министерот за здравство Беким Сали дека современиот лек ќе биде обезбеден прво за 8 од вкупно 130 болни.

Министерот за здравство Беким Сали неодамна изјави дека е потребна измена на неколку закони со цел државата да може директно да го набавува лекот од производителот.

– Со овие измени ја даваме можноста за преговарање за да добиеме подобра цена на лекот, а секако го кратиме и периодот на јавната набавка. Нема да имаме потреба за рокови, а тоа досега ни одземаше околу два месеци, изјави министерот додавајќи дека терапијата треба да биде обезбедена за 30 најзагрозени пациенти.

Лекот трикафта за еден пациент годишно чини 300.000 евра а во земјава околу 65 пациенти имаат потреба од него. Во соседните држави лекот е веќе на позитивната листа и лесно достапен за пациентите со цистична фиброза.

Претходна вестДизелот поевтинува за 2,5 денари, бензините со иста цена
Следна вестБајден: Се спротивставивме на Путин; Трамп: Бајден не води кон трета светска војна