Американскиот претседател Доналд Трамп најави можност за воведување казнени царини за земји што одржуваат трговски односи со Иран, како дел од зголемениот притисок врз Техеран. Во извршна наредба издадена вчера се наведува дека дополнителни царини може да се применат на стоки што се увезуваат во САД од држави кои директно или индиректно купуваат или увезуваат производи и услуги од Иран.
Иако не беа именувани конкретни земји, Трамп како пример посочи царинска стапка од 25 проценти. Од Белата куќа соопштија дека со уредбата се создава механизам за воведување вакви мерки кон трговските партнери на Иран.
Во меѓувреме, со посредство на Оман започна нова рунда разговори меѓу САД и Иран. Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи изјави дека средбата била „добар почеток“, но не потврди дали и кога ќе продолжат преговорите. Засега нема официјален став од американска страна за текот на состанокот.
Од Вашингтон повторно порачаа дека Иран се смета за одговорен поради неговата нуклеарна програма, развојот на балистички ракети, поддршката на терористички групи и регионалните тензии што, според Белата куќа, претставуваат закана за американската безбедност и сојузниците.




